Почнува изградбата на втората фабрика на „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона „Жабени“. На втората парцела, која уште пред неколку години ја купи оваа германска корпорација, веќе се уредува просторот каде што ќе се конфекционираат кабли за автомобилската индустрија.
Просторот го уредува турската градежна компанија „Пера констракшн“, која учествуваше и во изградбата на првата фабрика на „Кромберг и Шуберт“. Кога вчера ја посетивме индустриската зона „Жабени“ десетици камиони растовараа тампон на платото каде што ќе бидат поставени темелите на втората фабрика. Според најавите во овој капацитет ќе бидат вработени најмалку 1.500 нови работници.
Со изградбата на новата фабрика германската корпорација ќе има вкупно 25 вакви фабрики, кои се распространети насекаде во светот. Во производните капацитети на „Кромберг и Шуберт“ се конфекционираат кабли за познатите брендови од автомобилската индустрија како „Ауди“, „Мини морис“ и „БМВ“.
Инаку моментно во првата фабрика на „Кромберг и Шуберт“ се вработени околу 3.000 работници, кои работат во три смени. Со изградбата на новата фабрика вкупниот број на работниците што ќе работат во двете фабрики на „Кромберг и Шуберт“ ќе изнесува над 4.500 работници.
Б.В.