Don't Miss
Home / Колумни / Лекцијата на Мирсад

Лекцијата на Мирсад

                           

          Битола со години, ако не и со децении никако не можеше да се справи со депонијата кај Обиколницата, на Регионалниот пат Прилеп-Охрид.

          Оваа обиколница со години беше вистинско ругло, од чиј изглед се срамеа не само жителите во околината на Баирот, туку и најголемиот број битолчани.

          Од изгледот на Обиколницата не ретко црвенееја и граѓаните  и туристите кои со своите возила се движеа кон Охрид.

          Ни самиот не знам колку пати локалните и државните власти во изминатите години најавуваа и преземаа  разни мерки за чистење на  Обиколницата, ноа  за жал сите нивни планови, “проекти “ или ангажмани… не даваа резултати.

          На почетокот на својот мандат, кога на власт дојде СДСМ, екс министерот  во Владата на Заев, Самка Ибраимовски, најави преземање на конкретни проекти за санирање и чистење на Обиколницата. Тој убеден дека ќе ја исчисти Обиколницата  во една прилика дословно рече рече дека таа  ќе биде “ Силиконска долина”.

          Но за жал таквото негово ветување заврши како и сите претходни.

          Самка Ибраимовски си замина од министерската фотелја, а Обиколницата остана таква каква што беше, вистинска депонија, каде што  несовесните  битолчани, кои живеја на тој дел од градот  го фрлаа  ѓубрето.

          Денес сликата на Обиколницата, над Битола, е сосема поинаква.

          Тоа што не им успеа на сите локални или државни власти му успеа на Мирсад Мухединов.

          Благодарение на Мирсад и неговата грижа за  хигиената  денес Обиколницата над Битола е навистина во добар дел исчистена.

          Откако во ЈП “ Комуналец “ сфатија дека со старите мерки и начини на повремено чистење на Обиколницата тешко ќе ја одржат хигиената  на тој дел од градот, директорот на комуналното претпријатие, Панде Богоевски,  заедно со градоначалничката Наташа Петровска, се договорија да вработат еден човек од ромското население, кој ќе има исклучиво задача  да се грижи за хигиената  кај Обиколницата.

          Пред три месеци тие го вработија Мирсад Мухединов во “ ЈП  “Комуналец “, кој во својот опис и попис на работните обврски  има исклучиво  задача да се грижи за хигиената кај  Обиколницата и да не се создава таму депонија.

          Денес три месеци подоцна, од преземањето на оваа мерка резултатите се очигледни.

          Кај Обиколницата веќе нема депонија од смет и таа навистина е во голема мера исчистена.

          Мирсад Мухединов во целост ја оправда довербата на “ Комуналец”  и градоначалничката Петровска, и  барем засега Битола се ослободи од големиот товар кој го нагрдуваше ликот на градот, депонијата кај Обиколницата.

          Иако не му беше лесно, бидејќи голем број од неговите согрѓани кои живеат на тој дел од Битола и  кои  најчесто го фрлаа сметот кај Обиколницата,  го навредуваа и дури  му се закануваа,  сепак Мирсад успеа да се справи со сите предизвици и  проблеми  и барем досега ја држи Обиколницата чиста и не дозволува повторно на тој дел од градот да се прави депонија.

          Со оглед на тоа што поради фреквентноста на сообраќајот  на тој регионален пат не можат да се  движат возилата на “Комуналец “, Мирсад Мухединов секој ден, своето работно време го поминува во собирање и складирање на ѓубрето во најлонски ќеси, кое го оставаат жителите од тој де на градот. Подоцна камион на ЈП “ Комуналец “ поминува и ги подигнува ќесите, па така не се создава депонија, а Обиколницата останува чиста.

           Мирсад Мухединов вели дека е пресреќен што  ја оправда довербата која му беше дадена и успеа да ја исчисти Обиколницата и што со својот ангажман придонесе и тој дел на Битола да биде чист.

          За него доделената задача од директорот Богоевски и градоначалничката Петровска, претставувала голема чест, но и  обврска,  затоа тој како што вели не жали ни труд ни време да ја држи Обиколницата чиста.

          Иако таа според нејзиниот изглед не наликува на “Силиконска долина “ каква што им ја вети на битолчани екс министерот Самка Ибраимовски, сепак Мирсад Мухединов засега Обиколницата ја држи доста чиста и не дозволува  да се создаваат повторно депонии.

          Случајот со Мирсад  е мошне поучен. Тој ме потсетува на кинеската поговорка “ Наместо да му дадеш некому риби, дај му јадица да научи да фаќа риби”.

          За разлика од голем број млади роми, кои научиле со питање да “заработуваат “ за егзистенција, Мирсад Мухединов со работа и труд не само што заработува за егзистенција за себе и неговото семејство, туку врши и  мошне корисна работа и придонесува  за хигиената на својот град.

          Мирсад ја исчисти Битола, таму каде што никој со децении не можеше да ја исчисти.

          Овој пример треба да биде поучен  за решавање  и на други комунални проблеми, особено со хигиената на градот и одржувањето на зеленилото.

          Примерот со Мирсад покажа дека не се сите решенија во дигиталната техологија.

          Напротив и обичните граѓани кои не се разбираат многу од таквата технологиај можат да придонесат да се подобрат условите за живот во средината каде што живеат и работта.

          П.С. Случајот со Мирсад ме врати во минатото, кога во Градскиот парк имаше еден човек кој цел ден се грижеше за зелениото и одржувањето на паркот. Тој човек  секој ден буквално беше во Паркот и Градското шеталиште.

          Во тоа време додека беше тој во паркот немаше уништување на зеленилото или бистите на хероите.

Дали не  е време да се размсилува на повеќе локации во градот да се постават такви лица кои би се грижеле за одржување на хигиената и чистотата во градот.

          Примерот со Мирсад покажува дека тоа е добар и исплатлив потег.     

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*