Don't Miss
Home / Колумни / “Луди театарџии“

“Луди театарџии“

Битола деновиве беше во центарот на вниманието на филмските работници.

Иако, организаторите на фестивалот со програмата која ја подготвија се потрудија фестивалот  да биде празник на филмот, “лудите театарџии“ на затворањето се потрудија да направат скандал, кој остави црна дамка на фестивалот.

Откако првиот перформанс “Раѓањето на животот“, на свеченото отворање, како што рекоа некои од присутните се “провна“, вториот дел од перформансот, кој требаше да означи “Будење на пролетта“, од страна на директорот на Фестивалот, Благој Куновски, беше забранет  што режисерот Мартин Кочовски го прокоментира како класична цензура на некои фашистички мозоци, кои театарските уметници ги тргаат назад.

-По експлозивната сценска изведба за отворањето на 37-то издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера “БраќаМанаки“ слушнавме секакви зборови, од крајно идиотски, малограѓански ставови и поздрави за нашата храброст.  Во еден силен тимски процес ние коментиравме сериозни животни теми и   актуелен политичко-социјален статус на светско и домашно ниво. Сценската изведба на отворањето, која се вика “Циклусот на животот“  зборува за раѓањето, светогледот, откривање на моториката, осознавање на сексуалноста, стареењето и смртта. Ние го пуштивме на сцена нашиот презир за фестивалската “буржоазија од епрувета“. За инстант лажната класа што живее за кичот и моментот да бидат видени од секого. Театарската сцена не  трпи лицемерие и лаги на иссилените фрази, општествена формалност, неискреност кон себе или политичката коректност. Таа коректност денес е како мрачен среден век затруен и полн со методи, догми и сфаќања на инквизицијата.

Конференсието се појави боса.  По улиците, по целава земја и светот луѓето се боси. Луѓе се оставени на ГОЛА, самоубиствена егзистенција. Под овој режим дефилираат реклами и прилози за нашитеубави краеви, затоа колкава среќа е да се роди дете во оваа земја, за економија што блеска, а кога ќе отвориме врата – Кое дете? Каква економија? Абе луѓето не знаат каде глава да свртат, на кој број да свртат за да најдат некоја привремена работа (чистачка, келнер, таксист, билетар во обложувалница)  за да земат пари за леб.Гледаме општа беда и бегство на млади и постари луѓе, бегство од овој моментален пекол одземја. “Будење на пролетта“,требаше да се вика енергичната сценска порака што ја подготвивме за затворањето на фестивалот.

Организаторот го прекина нашиотпроцес. Под силен притисок од политички  кругови и конзервативната јавност, самата организација на фестивалот “Браќа Манаки“ одлучи да се повлечеме и да не настапиме. Поради страв од овие теми, од причините и последиците кои го носат овој циклус е цензуриран нашиот труд.

И ова не се единствените причини. Ова е одвратен пуритански напад. Ова е политичка блокада на еден моќен, убав ангажман на група “луди“ театарџии кои со ретка страст сакаат да донесат свежина на сцената и да навестат време кое треба да дојде, не чека и секако доаѓа- стои во протестното писмо нарежисерот Мартин Кочовски  и  Горјан Милошевски.

Отфрлајќи ги ваквите напади за наводната  цензура, директорот  на  фестивалот  БлагојаКуновски – Доре,  возврати  дека не станува збор за никаква цензура, туку за технички проблеми.

-Концептот кој беше планиран за  перформансот  во  траење од 5 минути во рамките на програмата  за  затворање  на  фестивалот, авторите  планираа  на  сцената да остават  отпад  од  неколку  килограми  праски, сливи и  дињи, како  и  неколку  килограми мед и половина кубен метар огревно дрво.  За  да се расчисти сцената  ќе беше потребно време, со што би била пролонгирана  церемонијата  за  доделување  на  наградите  на  добитниците  на  годинашното  издание  на “Браќа Манаки“. Со цел да го избегнеме одложувањето на церемонијата за минимум 20 минути кои беа потребни за расчистување на сцената и поставување на системот за озвучување, бевме принудени да го откажеме перформансот, возврати директорот  БлагојаКуновски.

Имајќи целосно разбирање за бунтот и гневот на “лудите театарџии“, кои се мошне скокотливи на секоја забрана, а притоа залагајќи се за целосна слобода на уметничкиот израз, сепак лично мислам дека овојпат “лудите театарџии“ не се во право, а и директорот Куновски сноси вина за  инцидентот.

Најпрво “лудите театарџии“ изгледа во подготовката на перформансот заборавија дека тој не е театарска претстава, во која тие со својот израз ќе го изразуваат својот гнев и револт од состојбите во  државата.

Колку и да се смета себеси дека е добар, режисерот  Мартин Кочовски, сепак во 5 минути, тој пред филмската публика не може(ше) да режира претстава во која тој ќе го изрази сиот свој револт и незадоволство насочено против фестивалската “буржоазија од епрувета“ и да ни го долови будењето на пролетта.

На фестивалот Манаки, публиката беше дојдена да гледа филмови и да ги оцени остварувањата на кинематограферите, а не погледите на “лудите театарџии“ и како тие го гледаат раѓањето на животот и “будењето на пролетта“.

Таквите свои перформанси тие треба(ше) да си ги остават за некои алтерантивни театарски фестивали, а не за Фестивалот на филмската камера. Но изгледа “лудите театарџии“ поканата да подготват перформанс од 5 минути сакаа да ја (зло)употребат а и да се наметнат себеси во прв план  за да  го одбележат фестивалот, ако не по уметничкиот впечаток на тоа што го сработија, тогаш барем по целосното слекување на еден од актерите и босата водителка.

За скандалот кој се случи со “лудите театарџии“ вина сноси и организаторот, кој не само што требаше, туку мораше, уште кога ги ангажираше да знае кој и каков перформанс тие  подготвуваа(т), а не отпосле да се вади на наводните технички проблеми.

Вака тие самите си се доведоа во ситуација да бидат прогласени  за  фашисти кои ја  гушат слободата и ја враќаат уметноста назад.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*