Македонија ќе постапи во согласност со македонските закони во врска со барањето на турските власти за затворање на школи, универзитети и фирми во Македонија поврзани со свештеникот Фетулах Ѓулен, е официјалниот владин став во врска со изјавата на турката амбасадорка Тулин Еркал Кара дека во Македонија училиштата, медиумите и фирмите на организација ФЕТО се уште се активни, и дека се уште не се преземени мерки.
– Од аспект на принципот владеење на право, од особено значење е во земјата сите да ги почитуваат законските регулативи. Владата секојдневно прима различни видови официјални пораки и барања кои пристигнуваат на наша адреса од голем број држави со кои имаме изградено билатерални и пријателски односи. Потенцираме дека решенијата ќе бидат исклучиво во рамките на законски прописи на Република Македонија – изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Вицепремиерот за економски прашања кој присуствуваше на на свеченоста рече дека ја има честа во името на владата да изрази солидарност со сите жртви на трагичните настани кои минатата година се случија на 15 јули во Турција.
– Македонија и македонската влада секогаш ќе биде на страната на демократијата и европските вредности во полната смисла на тој збор. Република Турција во нашата влада се гледа како голем пријател на Република Македонија и се гаеле секогаш пријателски односи од самиот прв ден на воспоставување на Република Македонија како независна држава. Ние сме благодарни што Република Турција во целиот пат на движењето како независна држава била искрен пријател и како таква сме ја чувствувале. Посебно е важно што Република Турција ја чувствуваме како голем економски партнер на Република Македонија – рече Анѓушев
Турската амбасадорка во земјата Кара на вчерашното одбележување на денот на неуспешниот пуч во Турција изјави дека жали оти не се затворени фирмите поврзани со ФЕТО во земјава.
– Овие организации на ниту еден начин не ја претставуваат Турција. Настрана што не ја претставуваат Турција, ги продолжуваат своите активности против Турција, негативно влијаат на односите помеѓу Турција и Македонија и чекаат прилика да ги затрујат постојните одлични односи помеѓу двете земји. Македонските раководители, веднаш по овој предавнички напад, меѓу првите покажаа солидарност со нашата земја. Знам дека во оваа борба Македонија е со нас – рече амбасадорката Кара.
Таа отворено побара затворање на училишта, фирми и медиуми во земјава.
– Дојдете заедно тука да ја завршиме оваа работа, во Македонија имаат 9 училишта, и тие ги именуваа по еден многу ценет поет. Ние го осудуваме тоа. Избришете го нашиот поет од вашите училишта, избришете ги од проклетите училишта. Нема да дозволиме да се образуваат милитанти од вашите гнезда, нема да дозволиме, до крај ќе се спротивставиме- рече Кара во своето обраќање.
Кара посочи и дека еден од основните критериуми на Турција за односите со други земји, ќе биде и односот на тие земји во борбата со ФЕТО.
Таа потсети и дека претходната влада донела одлука за прекинување на активностите на фирмите поврзани со Ѓулен, но, досега не бил направен конкретен чекор.
Но македонската јавност нема информации за тоа што досега презела претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и техничкиот премиер Емил Димитриев.
Лани тогашниот министерот за надворешни работи Никола Попоски изјави дека има одлука за фирмите на Ѓулен регистрирани во Македонија, но не даде јасен одговор што е одлуката.
– Сите одлуки што би ги носеле и ќе го носиме ќе бидат во согласност со нашето законодавство и со нашите национални интереси. Тоа било и ќе биде -рече тогаш поранешниот министер за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски.
Турските власти го обвинуваат Ѓулен, кој живее во САД, дека стои зад неуспешниот обид за воен удар во Турција, извршен на 15 јули лани. По ударот, турските власти, суспендираа и отпуштија околу 80.000 професори, судии, обвинители, полицајци, војници, дипломати и други државни службеници. Отпуштањата и затворањата траат и денеска.
Скандалозното инсистирање на турските власти да се затворат училишта фирми и медиуми беше испратено лани во неколку балкански земји.
Турската агенција Анадолија објави список со фирми во Македонија кои се сметаат за блиски до Ѓулен, на кој беа седум училишта, а функционирале и фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам.
Први на листата, според агенцијата, се основните и средните училишта „Јахја Кемал“ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица, а следат неделникот „Заман Македонија“, организацијата „Седеф“, туристичката агенцијата „Башак“, транспортната компанија „Реинбоу“ и синџирот маркети ЕВАР во Скопје.