Добитник на годинашанта награда на Битолски весник, Тоде Петрески е новинарот-уредник во државната новинска агенција МИА
д-р Марјан Танушевски.
Ваква одлука донесе денеска редакцијата на Битолски весник, која веќе 14 години посмртно ја доделува оваа награда во чест на починатиот новинар и дописник од Битола, на Радио Скопје, Тоде Петрески.
Редакцијата на „Битолски весник” наградата во чест на прерано починатиот новинар на Радио Скопје, Тоде Петрески ја доделува за новинарство со посебен акцент на репортажата.
Марјан Танушевски наградата ја добива за серијата репортажи објавени во својата матична кука МИА како што се: „Првиот наставен час на современ македонски јазик во средното образование”, „Несовесно трошење – хартијата во предност наспроти компјутерот”, „Еврејските огништа во Битола”, „Гимназискиот Дневник на Кемал Ататурк”, „Дрвените играчки на Благоја -Секуловски од село Журче”, „Велушина – село со 9 цркви и ретки икони од 18 век”.
Марјан Танушевски е новинар со богато новинарско искуство. Тој е исклучителен професионалец, кој сите свои информации и новинарски текстови кои ги објавува во МИА се проверени, точни и пред се вистинити, што во денешно време кога во јавноста се пласираат бројни лажни вести е навистина реткост.
Својата новинарска кариера Марјан Танушевски ја почна во 1983 година во Радио Битола и Студентски збор.
Покрај со новинарството Танушевски се занимава и со наука. Тој е доктор на науки и како професор своите знаења од новинарството ги пренесува на помладите колеги и студентите во Бизнис Академија Смилевски, каде како избран вонреден професор го предава наставниот предмет „Односи со јавност” со авторска литература од сферата на јавното информирање и односи со јавност.
Танушевски како доктор на науки избран е и за рецензент на сите изданија на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина – АНУБИХ.
Признанието на Марјан Танушевски, кое го носи името на доајенот на битоското и македонското новинарство Тоде Петрески ќе му биде свечено предадено на 30 мај, во Универзитетската библиотека Св. Климент Охридски во Битола.