Home / Колумни / Медиумска темница

Медиумска темница

               

        Деновиве, по речиси 30 години непрекината работа, дефинитивно згасна едно од првите приватни комерцијални радија во Битола, Радио 105 “бомбардер”.

        Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги  деновиве  му ја одзеде дозволата за работа на Радиото.

        Само 4 месеци по смртта на сопственикот на Радио 105 “бомбардер “ Лазе Николовски згасна  и неговото радио, на кое  тој толку многу му беше посветен и кое го сакаше и негуваше како свое дете.

        По Радио Делфин, кое згасна пред неколку месеци Битола, остана без уште едно локално комерцијално радио, така што сега на медиумскиот простор во Битола останаа само  да зрачат Радио 106 и Радио Б -97.

        И покрај сите мои лични  напори  и разбирања на АВМУ да го спасиме Радио 105 “бомбардер”, сепак не успеав(ме) во тоа, бидејќи  членовите на семејството на  Лазе Николовски не можеа да се нафатат да ги поднесуваат истите маки и жртви како Лазе Николовски, кој живеше од Радиото,  но и за Радиото.

        Згаснувањето на Радио 105 “бомбардер” во голема мера ги погоди битолчани, кои знаејќи ги моите блиски релации со покојниот  Лазе и членовите на неговото семејство, постојано ме прашуваат зошто згасна ова радио и дали истото не можеше да се спаси.

        Јас како што им тврдев на членовите на семејството  на Лазе, бев убеден  дека ова радио можеше да се спаси од згаснување. Но и покрај моите настојувања никако не можев да ги (раз)убедам членовите на семејството на Лазе, дека треба да направат се да го спасиме Радиото и да ја продолжат традицијата.

        Но за жал не успеав(ме) во тоа.

        Се покажа дека  без Лазе тешко ќе продолжи да работи 105 “бомбардер “

        Знаејќи низ се што поминуваше Лазе со Радио 105 во изминатите 30 години и особено во последните години кога во Законот за електронски медиуми беше ставен тој фамозен член 102 со кој се стави забрана за рекламирање на локалнте самоуправи и јавните претпријатија и според кој секоја информација од јавен карактер беше третирана како “реклама “ , членовите на семејството на Лазе не можеа да се нафатат да го водат натаму радиото.

        Сега, кога згасна и Радио 105 “бомбардер” се поставува прашањето за состојбата со медиумите во Битола.

        Битола полека но сигурно се движи кон класична информативна темница.

        Во Битола како медиумски институции останаа да функционираат уште само Битолски весник, Јавност  ТВ Тера и Радијата 106 и Б 97.

        Останатите медиуми  згаснаа.

        На медиусмкиот простор повеќе ги нема локалните телевизии : Меди, Орбис и Мега.

        Пред десетина години згасна локалното радио Радио Битола.Подоцна згасна и весникот Его.

        Драстично е намален и бројот на  дописништваата и дописниците  во Битола.

        Состојбите во битолските медиуми се најблаго речено кататсрофални.

         Од  преку 150 новинари и медиумски работници колку што работеа во  битолските медиуми сега работаат само неколкумина.

        Од нив половината се пензионери, а неколкумина работаат  едноставно само за да преживеат  како “тезгари “без основни услови за работа.

        Во таква ситуација Битола е во класична информативна темница.

        Тоа со што во моментот се занимаваат битолските новинари е само пренесување на вести кои поединци, или институции ги ставаат на своите фејзбук профили.

        Времето на вистинско новинарство во кое се негуваат новинарските родови како вести, хроники, интервјуа, репортажи, документарни еимисии, патеписи… одамна е зад нас.

        Сега најголемиот број медиуми се “Оне мен шоу”.

        Најголемиот број од новинарите по згаснувањето на нивните матични куќи сега работата како продавачи, келнери, туристички работници, во фабрики, или не работаат ништо и седат дома.        Некои од нив  си замина во странство.

        Најголемиот број од битолските новинари или медиумски работници се без регулирани работни обврски, со само неколку години стаж, или работаат како непријавени и хонорарно.

        Сега, откако згасна и Радо 105 “бомбардер” ми се чини крајно е време  Битола како град да се замисли за состојбите во битолските медиуми.

Граѓаните на Битола треба и мора да бидат информирани за се што се случува во Општината, осоебно за информациите кои се од јавен карактер.

        Тоа е обврска на  тие што го водат и раководат градот, бидејќи трошат народни пари.

        Јавноста мора да знае за што и на што се трошат  парите на граѓаните.

        Не може сите да се повикуваат на  закнските пречки или на општествената (не)одговорност, која, чест на одредени исклучоци  буквално не постои.

        Во спротивно и другите медиуми ќе згаснат па тогаш “информирањето “ на граѓаните  во Битола ќе се префрли единствено на фејзбуците или порталите.

        Тогаш  прашање е кој ќе има ќар од таквото информирање.

        Не може во Битлла да има разбирање и пари за се, а да нема само за медиумите кои сега на прсти можат да се избројат и во кои веќе никој не сака да работи.

        Не смее да се дозволи Битола едноставно да се претвори во информативна темница, во која нема да се знае ни  кој што рекол или што прави.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*