Home / Вести / Мицкоски од Битола најави голема победа и освојување на 61 пратеничко место

Мицкоски од Битола најави голема победа и освојување на 61 пратеничко место

На вечерашниот митинг на плоштадот „Магнолија“ во Битола, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека на овие избори ќе победи Македонија и народот и дека доаѓа бранот на промените.

-Бранот на промените ќе заврши на 8 мај. Овој бран е виорот на создадената надеж, светло за обесправените, сигурноста која тие ја бараат,  иднината која им треба на младите. Ова е бранот создаден од разочараните од власта, на изнапатени човечки судбини и страдања кои во еден глас велат доста е . Доста е ропство од  СДСМ и ДУИ, со пенкало ќе ги победиме. Доста е  понижувања, доста е губење на години, потрошени животи и чекање кое не престанува. Македонија ја распарчија, преку ноќ стекнуваат милиони, немаат чувство за потребите на реалниот човек. Голобради деца купуваат трговски центри. Печалат со трговија од лековите на болните од рак и нема одговорност за ништо. Тоа е така бидејќи државата ја создаде мафијата. ДУИ е партија која  управува со Македонија. Стотина луѓе се алфа и омега во Македонија. Тие се господари со колективната судбина. Богатејќи се енормно крадејќи го народот, и тоа пред се поради слабоста на СДСМ. Додека устите им се полни со Европа, а Ковачевски понизно ги слуша и коленичи пред Ахмети, него го слушаме среде Скопје како скандира УЧК УЧК. Ковачевски молчеше две години за сите промашувања на ДУИ- рече вечерва на митингот во Битола, Христијан Мицкоски.

Тој очекува голема победа на парламентарните избори и освојување на 61 пратеничко место.

Огромната победа во првиот круг на претседателските избори од над 2:1 е само жолт картон а вистинскиот црвен картон и ставање точка на ова шест и пол годишно ропство ќе заврши на 8 мај кога убеден сум дека победата ќе биде изразена најмалку 3:1. Ќе освоиме 61 пратеник во Парламентот, народот испрати порака и на Али и на неговите измеќари од СДСМ од кој народот на Македонија се срами. Идната Влада ќе биде Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Сите оние коишто шетаат околу и се претставуваат како опозиционери и ги убедуваат граѓаните да гласаат за нив, бидејќи ќе биле во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, сакам јасно да кажам дека тоа не е точно- истакна Мицкоски кој ги повика сите антивладини гласови да се обединат околу единствената опозициска структура на Македонија а тоа е Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски пред битолчани  вети раст на економијата за 5 проценти, нови 800 милиони евра директна поддршка за земјоделците, 250 милиони евра годишно од централниот буџет за поддршка на општините, за реализација на проекти притоа додавајќи дека главен фокус во неговиот мандат како премиер ќе биде Битола.

 Носителот на листата во изборната единица 5, Ѓорѓија Сајкоски од вечерашниот митинг во Битола порача дека доста е од политичари на кои политиката им е бизнис.

СДСМ и ДУИ ја понижија и уништија државата. Македонија мора да стане модерна современа и респектабилна држава за која сонувавме. Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе реализира крупни инфраструктурни проекти како изградбата на автопатот Градско Прилеп и Кичево-Битола. Ќе овозможиме нови инвестиции во стопанството, намалување на невработеноста, подобро образование, здравство и реформи во судството- вети пред битолчани, носителот на листата во изборната единица пет, Ѓорѓија Сајкоски.

На митингот се обратија и кандидатите за пратеници од Битола на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“:  Пеце Милевски, Силвана Ангелевска, Олга Лозановска и Мартин Ивановски.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*