Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како е задоволен од инвестициите во стопанството, изјави дека е многу важно конечно да започне користењето на заемот од кој се очекува еден бран од најмалку 300 милиони евра.
–Па видете сега многу важно за нас е да овој состанокот што ќе го имаме во недела заврши успешно и да конечно почнеме со користење на заемот или познат во јавноста како унгарскиот заем. Очекуваме тука да се акцелерира еден бран од најмалку 300 милиони евра, тоа е некаде 1,6-1,7 проценти од нашиот вкупен домашен производ. Плус имаме бран на инвестиции во општините коишто се финансирани од страна на централната влада. Ќе ве потсетам 6 милијарди денари во овој циклус, 15 милијарди денари проекти следната година, 6 милијарди проекти коишто преку Министерството за животна средина. Знаете дека имавме настани со вицепремиерот Меџити на оваа тема, проекти коишто беа запоставени од претходната влада сега се реализираат во делот на изградба на водоводи, канализациски системи, системи за третирање на отпадни води и слично, така што и тука очекувам еден огромен бран од отприлика 27-28 до 30 милијарди денари– истакна премиерот Мицкоски.
Според него, тоа се многу пари за македонската економија и дополни дека оваа зима ќе имаме два предизвика.
–Првиот ќе биде енергетската стабилност, вториот ќе биде кризата којашто се чувствува од Германија, посебно во автомобилската индустрија. И вие мора сега предвреме да ги антиципирате и да нудите решенија и политики коишто ќе значат решенија за овие предизвици. За првиот видовте и вчера, но, и месеците и неделите претходно, многу внимателно планиравме и мислам дека таму состојбата е стабилна со потпишувањето на Меморандумот за разбирање помеѓу ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, и Сокар Азербејџанскиот гигант. И ќе имаме стабилно и евтино снабдување со природен гас, што е многу важно и за затоплувањето на скопјани, но и за производството на електрична енергија. Дотурот на јаглен и ископот веќе функционира нормално, би рекол и повеќе од нормално. Веќе блоковите работат на моменти и по 200 мегавати, нешто што не беше замислено во изминативе седум години. Малку ни е хидрологијата проблематична, но очекувам дека со есенските дождови и зимските снегови и тука ќе можеме да ја ситуацијата подобриме. Тоа не зависи од нас, тоа зависи од некои други метафизики– подвлече Мицкоски.
Но, тој смета дека проблемот е под контрола и изрази сигурност дека ќе биде сето тоа успешно реализирано и граѓаните не треба да се грижат.
–Што се однесува до овој вториов дел и можното намалување на економската активност на некои од компаниите коишто се дел од автомобилскиот сектор, тоа можеме да го совладаме со инвестиции. И затоа овој бран којшто го кажувам, 300 милиони, плус 500 милиони евра, околу 800 милиони евра имајќи предвид дека некаде околу 15,5-16 милијарди е нашиот БДП, зборуваме за бројка од помеѓу 4 и 5 проценти и мислиме дека на тој начин нема да се почувствува таа криза и дека нема да се афектира негативно на нашиот бруто домашен производ. Тоа се двата генерално суштински проблеми, покрај многуте стотици коишто ги решаваме на дневна основа, но тоа ни е работата и тоа е наша природна задача-изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски.