Од Њу Јорк, денеска во Битола пристигна македонскиот режисер Милчо Манчевски на кого вечерва на свеченото затворање на 35. “Браќа Манаки” ќе му биде доделена голема ѕвезда на македонскиот филм , награда од Друштвото на филмски професионалци. Манчевски со овации беше пречекан на попладневниот јавен разговор во малата сала на Центарот за култура во Битола, која беше претесна да ги собере бројните новинари, филмски работници, студенти, филмаџии и обожаватели на славниот македонски режисер.
-Пред 20 години го запознав Минчо Манчевски и во мојот живот ми се случи цунами, во најпозитивна смисла. Но истовремено се случи и цунами во македонската кинематографија. Манчевски е инспирација за македонските филмски дејци, бидејќи создава дела на кои сме горди- рече директорката на Фестивалот “Браќа Манаки”, Лабина Митевска која ја играше главната женска улога во играниот филм на Манчевски “Пред дождот”.
Манчевски е единствениот македонски добитник на “Златен лав” во Венеција и кандидат за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
-Венеција беше многу голема работа. Беше првиот фестивал каде добив награда, претходно не сум бил ниту на “Браќа Манаки”. Многу учев како да режирам пред да го снимам филмот “Пред дождот“ кој содржи доста обемна продукција и физички напор- рече режисерот Манчевски кој подеднакво сака да режира но и да ги пишува сценаријата.
Тој на публиката им откри дека имал дилема како средношколец за која професија да се одлучи, дали за новинарството или да биде режисер. Пресуден момент за неговата одлука бил разговор со негова професорка која му сугерирала дека е надарен да режира филмови и се покажа дека била во право. Манчевски уште и додаде дека сака да содава филмови на европската филмска сцена а не Холивуд, бидејќи како што истакна не сака да биде на продажба, како што е случајот со филмските работници во Холивуд.
Кога работи на филм, најбитна од се му е максималната соработка меѓу сите во екипата на филмот, но најмногу од се со директорите на фотографија.
В.М.Мл
Фото С.Р.