Министерството за култура и годинава одобри средства за проекти од капитално значење со кои ќе се реставрираат и конзервираат објекти под надлежност на Националната установа Завод и Музеј Битола.
Дваесетина капитални објекти со големо значење за културното наследство во Пелагонискиот и Преспанскиот регион, кои се во надлежност на битолскиот Завод и музеј, годинава ќе подлежат на реставрација, конзервација и дополнителни истражувања. Министерството за култура прифати да ги финансира и веќе започнатите проекти, кои годинава ќе ја имаат својата завршница. Меѓу нив е и куќата на Татарчеви во Ресен, која ќе биде своевиден дом-музеј.
-Проектите кои што веќе сме ги започнале, а тоа се куќата на Татарчеви во Ресен, која што е во надлежност на Завод и музеј- Битола, ќе се гради музејска поставка посветена на Христо Татарчев и на периодот околу неговото делување и работење- информира Лилјана Христова, директор на Завод и музеј во Битола.
Во оваа 2015 година, продолжуваат активностите за заштита на црковно-културното и историско наследство во регионот. Меѓу нив се Топличкиот манастир, Св. Сотир во Гопеш, како и црквата на островот Голем Град.
Годинава предвидена е реставрација на три фасади, а предвидени се средства и за повеќе манифестации, од кои најзначајно е Меѓународното графичко триенале, како еден од најзначајните настани од ликовната уметност во Битола.