Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара итна и неодложна средба со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Зоран Заев на која ќе се разгледаат одредбите од вчерашниот договор меѓу Заев и грчкиот премиер Алескис Ципрас за севкупна употреба на името Република Северна Македонија за државава.
Како што информира на денешната прес-конференција, иако веќе доставил барање за средба до претседателот на државата се уште нема добиено потврда од Иванов, но очекува во текот на денов да има средба и со Иванов и со Заев.
Тој нагласи дека вчера постигнатиот Договор е апсолутен пораз за македонската дипломатија кој, како што рече, никако не може да се прикаже како победа и побара министерот за надворешни работи Никола Димитров да поднесе неотповиклива оставка.
Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати и да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име и додаде дека ќе ги искористи сите правни средства што му стојат на расплоагање против Договорот. Не прецизира што конкретно ќе преземат, наведувајќи оти граѓаните за тоа благовремено ќе бидат известени.
– Цената ќе ја плаќаат граѓаните на Македнија со нивната чест и достоинство. Ова е апсолутен пораз на македонската дипломатија и никако не може да се прикаже како победа. Ова е изневерување на ичекувањата на граѓаните – рече Мицкоски.
Го обвини министерот Димитров дека учествувал во оваа капитулација и посочи на неговата изјава дека ако тоа помогне ќе си поднесе оставка.
– Тој момент дојде. Прв чекор е да даде оставка – рече Мицкоски.
Го обвини Заев дека откако е премиер, Македонија губи од својот идентитет, од атрибутите што ја дефинираат како држава, го менува Уставот. ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Мицкоски, нема тоа да го прифати, ниту поддржи.
На новинарско прашање дека договорот го поздравија сите клучни меѓународни фактори и го оценија како историски и дали ставот на ВМРО-ДПМНЕ е спротивен со претходно искажаните тврдења дека се залага за прием во ЕУ и НАТО, Мицкоски одговори дека меѓународната заедница цело време охрабрувала да се постигне договор, но не навлегува во содржината на договорот.