Home / Вести / На Битолскиот универзитет промовирана купола за виртуелна реалност, прва на Балканот

На Битолскиот универзитет промовирана купола за виртуелна реалност, прва на Балканот

На Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола беше промовирана првата купола за виртуелна реалност.

На денешната промоција беше речено дека станува збор за прва купола за виртуелна реалност не само на универзитетите во Македонија, туку пошироко на Балканот.

Опремата ќе овозможи нова димензија во наставата и истражувачката работа на Битолскиот универзитет.

-Куполата за виртуелна реалност е набавена со средства од Европската унија и чинеше 100 илјади евра. Опремата се состои од компјутери, дронови, сензори. Станува збор за атрактивна и уникатна купола за виртуелна реалност која е единствена не само во универзитети во Македонија, туку и пошироко на Балканот. Нашите очекувања се дека со оваа опрема студентите, но, и сите други, ќе можат да добијат поквалитетна обука, настава, поблиска до реалноста преку користењето на технологија во виртуелната реалност-информираше ректорот на Битолскиот универзитет проф. д-р Игор Неделковски.

Сенатот на Универзитетот денес го основаше и Центарот за виртуелно инженерство што ќе биде отворен за сите заинтересирани посетители.

Опремата ќе можат да ја користат сите останати факултети на Битолскиот универзитет, да реализираат практична настава и проекти.

Суштината на оваа купола е секој еден да се најде во околина многу блиска до реалната и да се изведуваат разни истражувања и научни и едукативни, велат од УКЛО.

-На Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе се развиваат апликации и мултимедиски содржини со кои ќе се овозможи присутните да потонат во виртуелната реалност и да доживеат на ист начин како да биле присутни таму. Виртуелната купола исто така ќе овозможи популаризација на техничките науки, инженерските и компјутерските науки, бидејќи наоѓа примена во сите области од образованието, за научни истражувања итн. Виртуелната купола и содржините што ги имаме на располагање предизвикаа големо внимание кај студентите на Факултетот за информатички и комуникациски технологии-рече на денешната промоција деканот на ФИКТ проф. д-р Благој Ристевски.

Според него ова ќе значи и поголема соработка на Битолскиот универзитет со ИТ компаниите, бидејќи оваа опрема ја нема на останатите универзитети во Македонија и ќе може заедно со студентите да работат на апликации и да креираат содржини соодветни за одредена тема.

Васка М. Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*