Home / Македонија / На петте државни универзитети слободни околу 25 илјади места

На петте државни универзитети слободни околу 25 илјади места

Вкупно 24.952 места се слободни на петте државни универзитети во Македонија за упис во прва година во академската 2015/2016 година.

Пријавувањето кандидати во првиот рок почнува оваа недела.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски”-Битола слободни се вкупно 3.803 места, од кои 2.090 за редовни студенти во државната квота, 965 за редовни со кофинансирање на студиите и 748 за вонредни студенти. Првиот рок за упис на Битолскиот универзитет почнува утре и ќе трае на 13-ти и 14 август. Вториот рок е на 2-ри и 3 септември и трет рок на 14 септември.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје се слободни 10.669 места, од кои 6.330 за редовни студенти во државна квота, 3.164 за редовни со кофинансирање на студиите и 1.175 за вонредни студенти. Цената на студиите во државна квота е 200 евра, а со кофинансирање и за вонредни студенти 400 евра.

Првиот рок за запишување на УКИМ е на 13-ти и 14 август, резултатите ќе бидат објавени на 18 август, а на 24-ти и 25 август е запишувањето на кандидатите. Вториот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 3 септември, а третиот на 16 септември на факултетите на кои ќе има слободни места.

На Државниот универзитет-Тетово за 2015/2016 слободни се 4.650 места. Од нив, 2.245 за редовни студенти во државната квота, 2.045 за редовни со кофинансирање и 360 за вонредни студенти. На Тетовскиот универзитет пријавувањето кандидати во првиот рок е од 18-ти до 21 август, а вториот од 1-ви до 4 септември.

Универзитетот „Гоце Делчев”-Штип објави конкурс за 5.390 места, од кои 3.172 за редовни студенти во државна квота, 1.208 за редовни со кофинансирање на студиите и 1.010 за вонредни студенти. На УГД првиот уписен рок е на 12-ти, 13-ти и 14 август, вториот рок е на 24-ти и 25 август, а третиот на 4 септември.

Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле”-Охрид има 440 места за студенти во наредната академска година. Од нив 220 места се за редовни студенти во државна квота, 110 за редовни со кофинансирање на студиите и 110 за вонредни студенти. Првиот рок за пријавување кандидати таму е на 14-ти и 15 август, вториот на 3 септември и третиот на 16 септември.

Информациите за критериумите за упис се наведени во конкурсите на универзитетите кои се објавени на нивните веб-страници.

Министерството за образование и наука неодамна го објави и Конкурсот 30/35 наменет за жени над 30 и мажи над 35 години кои немаат високо образование или не го дооформиле.

Во рамки на овој проект, кој МОН го реализира шеста година, за 2015/2016 се обезбедени вкупно 670 слободни места, од кои најмногу на Државниот универзитет-Тетово (315), на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”-Скопје 230, на „Гоце Делчев”-Штип 80 и на „Климент Охридски”-Битола 45 места.

На кандидатите им се на располагање вкупно 44 студиски програми, во најголем дел технички, на 16 факултети од четирите универзитети. Тие самите ги утврдуваат критериумите и роковите за упис.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*