Во Битола пристигнаа над 11.000 цртежи од 350 училишта од 34 земји во светот за годинешната меѓународна ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Ова го соопшти на денешната прес-конференција во Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, раководителот на студиото, Коста Хаџи Антоновски.
За жал, мал е бројот на ликовни творби од ученици од Македонија, и ниту еден од Битола.
Инаку со одлука на организаторот Гран при наградата за најдобра ликовна колекција ќе ја добијат ученици од Чешка, а наградата за животно дело ќе отпатува во Индија за ликовен педагог од Хадерабад.
Од детското ликовно студио потврдија дека и годинава како гостин во Битола, најбројна ќе биде делегацијата од Хонг Конг, но гости ќе има и од други земји, па дури и од Бахамите, кои освен во Битола ќе творат и во Охрид и во Крушево.