Дента кога во јавните гласила беше објавен огласот на Владата за пријавување на граѓаните кои имаат заостанати долгови кон ЕВН, Топлификација, МРТВ или банките, нотарите и извршителите да ги пријават своите обврски до Министерството за финансии за да им бидат простени, мене ме затекна со нова блокада на мојата жиро-сметка. Само што куртулив од една блокада, ме стигна друга.
И кога помислив дека, конечно, извршителите се “нажалиле“ за нашата судбина и дека како и на другите и мене, ако не ми ги простат, барем ќе ми ги оддолжат долговите, од другата страна на жицата го слушнав толку познатиот и препознатлив студен глас дека извршувањето не може да го повлече и дека тоа нејзе и е работа од која таа рани фамилија. Ни грам разбирање за мојот проблем.
Бидејќи не ми е првпат некој да ме блокира, или да им плаќам на извршителите огромни суми пари за да живеат нивните семејства, мене ваквиот одговор воопшто не ме изненади. Но тоа е тоа, извршителите работат и кога одмараат. За нив нема одмор. Тие буквално работат во три смени, 24/7, што би рекла власта.
А само пред неколку дена, истите тие извршители, буквално, се туркаа да се пријават во Владата дека ќе ги повлечат извршните решенија против граѓаните кои од разни причини “заглавиле“ и не биле во состојба да платат струја, парно, радиодифузна такса, или пак долгови на кредитните картички.
Овие денови многу “љубезни“ и лесни на раката станаа и банкарите, кои, исто така, во голем број се огласија на повикот на Владата и одлучија да им ги деблокираат блокираните трансакциски сметки, или кредитни картички на своите клиенти.
Навистина поради ваквата “даржеливост“ на Владата и институциите кои се одѕваа на повикот на Министерството за финансии за отпис на долговите, човек да зажали што во моментот не е социјален случај, бидејќи додека сите ние постојано се задолжуваме, тие преку ноќ се оддолжија од се што должеа и никако не знаеја како да се отарасат од долговите.
Сега, кога, откако ќе се реализира овој владин проект, најсиромашните граѓани, или социјалните случаи во Македонија, буквално нема да должат ништо, а за тоа време илјадници фирми, големи и мали претпријатија, нивни вработени, или газди, ќе се дават во долгови и ќе се прашуваат како со нови задолжувања да се одблокираат и да кртулат од извршителите, кои како орли секојдневно ги надлетуваат нивните жиро-сметки.
Сега, по овој проект, кај нас ќе има еден досега незабележан парадокс. Најсиромашните граѓани ќе бидат раздолжени и нема да должат ништо, а “богатите ќе борчат како Грчка“.
Да се разбереме, јас немам апсолутно ништо против тоа на сиромашните и загрозените категории граѓани да им се помогне. Напротив, јас сум да им се помогне и тоа не само еднократно, туку постојано и кај нас во државата, конечно, да заживее таа социјална политика, во која на граѓаните во оваа држава ќе може државата да им обезбеди нормален и достоинствен живот и во која никој нема да гладува и да проси.
Јас во моето секојдневно работење постојано се судрувам со луѓе од моето соседство кои доаѓаат кај мене да им помагам со ситни пари за да си купат барем леб. Нивниот број во последно време драстично се зголеми, а бидејќи тие многу се намножија ја паднаа и тарифата на просење, па сега не се срамат да кажат дека бараат пари колку за корка сув леб. Во таа смисла, јас ја поздравувам секоја мерка на власта за да им го подобри животот и стандардот на луѓето.
Но, држејќи се до кинеската поговорка дека подобро е некој да го научиш да фати риба, отколку секој ден да му даваш риба за јадење, мислам дека власта со ваквите мерки не само што ги стимулира неплаќачите, туку и ги доведува граѓаните во нееднаква положба.
Со ваквите мерки мислам дека неплаќачите и затајувачите наместо да се казнат како што е вообичаено, тие се наградуваат, што може лошо “педагошки“ да делува и тие и во иднина повторно да не плаќаат и да се задолжуваат. Пред да ги одборчи власта ваквите социјални случаи, требаше барем јавноста да ја информира каква е нивната социјална карта и зошто тие толку многу се заборчиле и не успевале да си ги платат долговите.
Мене никако не ми влегува во главата како може социјални случаи да заглавиле во дебитните и кредитните картички и како тие како социјални случаи добиле кредитни картички. Без давање конкретен одговор на овие прашања мислам дека е несериозно да се разборчуваат сите во куп.
Мене ми е добро познато дека кај нас некои “социјални случаи“ кои се водат како невработени, на битолскиот “Волстрит“ во Старата битолска чаршија дневно заработуваат колку целата влада за една година.
Во Битола барем ги знаат добро нивните богатства во злато, девизи и замоци. А, сепак, се прикажуваат како социјални случаи. Во изминатите години навикнавме Владата на Груевски, некои несовесни граѓани, наместо да ги казнува, да ги наградува, а казната да ги стигнува тие кои мака мачат како да преживеат и редовно да си ги плаќаат своите обврски. Таков беше случајот кога со Законот за легализација од плаќање давачки кон државата куртулија бројни нафатирани граѓани, кои без никакви документи, на диво изградија цели палати. Денес токму тие им се потсмеваат на тие што легално градеа.
Така ќе биде и во иднина. Неплаќачите, саркастично ќе им се смеат в лице на лојалните граѓани, кои навикнале да си ги плаќаат обврските редовно и токму заради таквата навика најчесто заглавуваат и денес едвај опстојуваат.
Со ваквата практика во иднина набргу и тие ќе се најдат на списокот на социјални случаи во државата, бидејќи практиката покажа дека кај нас најбогат човек е тој што нема ништо, бидејќи токму тој никому не должи, а другите, по правило, сите се заглавени во долгови. А во ништо подобра состојба не е ни државата, која мора со нови долгови да ги враќа старите.
Менде Младеновски