Don't Miss
Home / Uncategorized / Наградата за новинарство “Тоде Петревски“ му припадна на новинарката Анета Шијакова

Наградата за новинарство “Тоде Петревски“ му припадна на новинарката Анета Шијакова

Денеска, во градската и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски“ во Битола, по 11. пат беше доделена наградата за новинарство на “Битолски весник“  што ја востанови во чест на прерано починатиот новинар Тоде Петревски, доајен на битолското и македонското новинарство.

bitolski 2  bitolski 3

 

Годинава наградата “Тоде Петревски” му беше доделена на новинарката на телевизиите “Канал 5” и ТВ Тера, Анета Шијакова за серијата телевизиски прилози и репортажи за кинескиот град Нингбо, град со кој Општина Битола се збратими и воспостави заедничка соработка.

Новинарката Анета Шијакова е дипломиран новинар со повеќегодишно професионално искуство во областа на новинарското известување од земјата и странство. Во новинарската фела е препознатлива по нејзината исклучителна професионалност во новинарската работа.

bitolski 7  bitolski 9
-Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на редакцијата на Битолски весник, затоа што првите чекори во новинарството ги направив токму во Битолски весник, но исто така сакам да се заблагодарам и на семејството Петревски бидејќи многу го почитувам ликот и делото на починатиот колега Тоде Петрески. Оваа награда сакам да ја посветам на професионалното новинарство. Посакувам во редовите на новинарите што повеќе да има високообразовани и висококвалификувани професионалци, бидејќи само на тој начин новинарството ќе ја задржи својата професионалност, дигнитет,  интегритет и на тој начин и медиумите ќе бидат посилни- изјави новинарката Анета Шијакова, добитничка на наградата “Тоде Петревски“.

bitolski 33

Директорот на Битолски весник, Менде Младеновски зборувајќи за ликот и делото на почитуваниот колега Тоде Петревски истакна дека Петревски беше врвен професионалец од кој помладите новинари учеа како да се носат со сите предизвици што ги носи новинарската професија.
-На денеш ден пред 11. години почина нашиот драг колега, доајенот на битолското и македонско новинарство Тоде Петревски. Во настојувањето да се зачува неговиот лик и неговото дело, пред 11 години во договор со неговото семејство решивме да воспоставиме наградата за репортажа која го носи неговото име. Ми причинува посебна чест што годинава наградата за репортажа ја доби Анета Шијакова, новинарка во “Канал 5 “ телевизија и ТВ Тера, која е со долгогодишно работно искуство а воедно и професионален новинар- истакна Менде Младеновски, директор на Битолски весник.

bitolski 5

Сопругата на доајенот на битолското и македонското новинарство, Тоде Петревски , Снежана Петревска истакна дека нејзиниот сопруг беше визионер и многу од настаните кои денеска се случуваат особено на политичката сцена, Петревски за нив предупредуваше и пишуваше. Водилка во кариерата на Петревски беше исклучиво и само вистината.
-Кариерата на мојот сопруг, за мене и за целото семејство значеше многу. Ние од него научивме што значи вистината и негова религија беше токму вистина која што за жал денеска ја нема. Беше дописник за МРТ и Македонското радио, Дојче Веле, Политика и многу други медиуми. Научивме да ја разликуваме лагата од вистината, а особено сакам да нагласам која е разликата помеѓу тогашната ТВ куќа МРТ од тогаш до денес. Партиско новинарство владее денес, а не владее вистината. Денес новинарството зависи од тоа каде работиш и кој те плаќа. Задоволство ми е, чест и гордост што денес наградата Тоде Петрески ја прима новинарката Анета Шијакова – изјави сопругата на новинарот Тоде Петревски, Снежана Петревска.

Анета Шијакова е професионално ангажирана како новинар во  националната ТВ Канал 5 и регионалната ТВ Тера.

Соработник од Македонија е на американската веб публикација “Justluxe”. По дипломирањето на интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”, магистрираше меѓународна политика на Правниот факултет на Универзитетот во Скопје, по што работи на докторска дисертација на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универизитетот “Св.Климент Охридски”-Битола. На полето на медиумите, во делот на меѓународното искуство има известувано од Кина, Германија, Австрија, Турција,Полска, Албанија и Грција.

 

 

Б.В.

Фото: С.Р.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*