Најмалку седум лица загинаа, а повеќе од 25 се повредени во несреќата што утрово се случи близу бугарското село Хитрина. Тројца од повредените се во критична здравствена состојба.
До несреќата дојде во 04.40 часот, кога товарен воз , кој превезувал течен нафтен гас и тротилен во 16 вагони, излета од шините, што предизвика две последователни експлозии, по што се запалија 20 објекти.
Бугарскиот премиер во оставка Бојко Борисов, по посетата на местото на несреќата, изјави дека бројот на жртвите сигурно ќе биде поголем и апелираше до граѓаните да дадат крв за повредените.
Бугарската агенција БТА објави дека на телевизиска снимка се гледа дека железничката пруга по која се движел возот минува точно низ селото, како и дека несреќата се случила во раните утрински часовите, кога повеќето жители спиеле.
На гаснењето на пожарот и потрагата по преживеани ангажирани се 150 пожарникари, а полицијата истражува како дошло до инцидентот.