Don't Miss
Home / Колумни / Некултура

Некултура

                     

          Битола како град на конзулите или клавирите, како што не нарекуваат ни се допаѓало тоа или не го губи својот стар  сјај.

Опседнати со богатото минато и културно наследство имам впечатток дека  ние сегашноста  ја живееме во големи заблуди.

За иднината на нашиот (конзуслки )град страв ми е да се осудам да прогнозирам како ќе се развива, бидејќи Битола станува град без граѓани, во кој главниот збор го водат луѓе кои Битола не ја чувствуваат како своја.

Иако постојано ние битолчани знаеме да се фудулиме со конзулскиот сјај на Битола,  сепак ние, жителите на овој град многу малку или воопшто ништо не правиме не само да го зачуваме епитетот  за кои се изборија претходните наши генерации, ние како сегашни сведоци,  или современици  на времето во кое живееме не правиме ништо, или многу малку да го зачуваме градот од неговото уништување и пропаѓање.

Иако по природа сум голем и непоправлив оптимист, сепак  кога станува збор за сегашноста или иднината на Битола лично не мислам дека овој град ќе стане тоа што сакаме да биде Европски град.

Напротив Битола ми наликува на паланка, која постојано се обезличува и го губи својот идентитет.

Во последно време во Битола на сцена се неименувани и за жал засега се поголем број  непознати вандали, кои уживаат да уништуваат се што не е нивно и му припаѓа на градот.

Последниот случај, кога некои луѓе, кои  за жал се наши (со)граѓани, кога ги фрлија двете клупи за одмор во Драгорот, или кога во Драгорот заврши контејнерот за собрирање ѓубре,  само ми ја потврдува  мојата констатација дека Битола ваква што е ни од далеку не заслужува да биде и натаму именувана за град на конзулите.

Иако се обидувам сепак никако не можам да си објаснам што беше тоа што ги натера  некои наши (со)граѓани да ги откорнат и фрлат клупите во Драгорот.

За каков револт стануваше збор, или која беше таа  лутина што некој или некои ги натера да ги фрлат клупите во Драгорот.

 Веќе со денови не можам да си објаснам кој беше мотивот некои луѓе да натера да го фрлат контејнерот на ЈП “ Комуналец “ во Драгорот. 

Во блиското минато во неколку наврати бевме сведоци како наши (со)граѓани ги уништуваа буквите на симболот на Битола, кај Градскиот часовник и истите ги кршеа.

 Пред тоа само колку пати сме сведочеле како некои несовесни (со)граѓани ги уништуваа и скрвнавеа бистите на народните херои, во Алејата на Шеталиштето.

Не само што е болно, туку и фрустрирачки е чувството да гледаш како некои несовесни (со)граѓани ги уништуваат бистите на луѓето кои во цутот на својата младост, кои  уште не зачекориле во животот, го зеле оружјето в раце и жртвувајки го својот живот се бореле за денешната слобода.

Која е таа омраза или злоба, па и лудост некој да да ги скрвнави спомениците на народните херои.

За уништувањето на клупите во Градскиот парк, или Градското шеталиште не вреди ни да навраќаме, затоа што тие се толку пати уништувани, што не паметат ни тие кои најчесто седеле на истите.

Колку само пати на Градското шеталиште се уништувани канделабрите никој не знае.

Во последно време на метата на вандалите беа и играчките и реквизитите во Детскиот парк, кои неколку пати беа уништувани.

За уништувањето на цветните аранжмани во градот и крадењето на илјадници цвеќиња, од кои најголемиот број не ги оставаа да расцветаат ни една ноќ, не можат точни податоци да дадат ни луѓето од ЈП “ Комуналец “, кои ги садеа цвекињата.

 Да не се навраќам во оваа прилика на никнувањето на депонии со смет  речиси на секоја слободна површина во градот.

 Следејки ги сите тие вандалски чинови, кои  ни се случуваат во нашиот град постојано се прашувам зарем како народ или (со)граѓани сме толку некултурни и нецивилизирани па  самите да си го уништуваме градот во кој живееме и со кој постојано се гордееме.

Зарем толку не напушти умот па самите да ја уништуваме Битола.

Во една прилика авторот на песната “ Битола мој роден крај”, Ајри Демировски ми рече.

“Сакајте ја Битола како што ја сакам и гледам јас дури и со врзани очи. Таа е како лебедот кој е постојано бел. Неа никој не може да ја оцрни.

Последните настани кои ни се случуваат се повеќе ме плашат дека за разлика од покојниот Ајри, некои битолчани не ја доживуваат Битола како него.

Напротив имам чувство дека тие не само што самите не се поднесуваат, туку не ја поднесуваат ни Битола, па затоа гледаат на било каков начин да ја уништуваат.

Доколку не се смени  нешто во воспитувањето и нашиот карактер, од Битола наместо конзулски град, ќе направиме обична паланка, во која вандалите ќе го имаат главниот збор и кои ќе ни го креираат начинот на живот и однесување.

Затоа мора таквите вандали брзо да бидат откривани, санкционирани и легитимирани пред лицето на јавноста па конечно да ги видиме кои се тие наши (со)граѓани кои ни го уништуваат градот, во кој и тие живеат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*