Иако до почетокот на училишната година остануваат уште само неполни десетина денови, во Битола во моментот сосема е неизвесно дали ќе почне наставата во едно средно и пет основни училишта, каде што поради неплатени сметки за потрошена електрична енергија струјата е исклучена.
И покрај сите напори кои во моментот ги вложува општинската аминистрација и градоначалничката Наташа Петровска никој не може да каже со сигурност дали до почетокот на школската година проблемот ќе биде решен и во овие училишта ќе светнат сијалиците.
Градоначалничката на Битола Наташа Петровска на денешниот брифинг со новинарите најави дека и покрај тоа што општината има пари да им ја плати во целост струјата на училиштата сепак таа тоа не може да го стори бидејќи не може да им плати средства на училиштата бидејќи тие се со блокирани жиро сметки.
Во изминатите денови само едно средно училиште во Битола успеа и покрај блокираната сметка да плати дел од потрошената електрична енергија, но останатите училишта, особено основните не се во можност тоа да го сторат.
Инаку во Општината Битола училиштата должат над 4,5 милиони евра. Дури 8 училишта се со блокирани сметки цели 6 години и повеќе. Најголемиот број од училиштата должат за “ бесплатниот превоз”, кој во изминатите години многу скапо ја чини Битола.
И покрај тоа што општината Битола во изминатиот период направи доста активности за намалување на долгот, сепак тој поради високите затезни камати и извршните трошоци постојано расте и во голема мера го загрозува нормалното одвивање на воспитно образовниот процес.
Колку е овој проблем тежок најдобра потврда е тоа што еден извршител во изминатиот период од едно училиште наплатил само за извршни трошоци над 200.000 евра. Оттаму многнимина во Битола сметаат дека “бесплатниот” превоз кој во изминатиот период го практицираше претходното општинско раководство стана најголем и барем засега нерешлив проблем за сегашната администрација, но мошне вносен бизнис за некои доверители, нотари и извршители.
На денешниот брифнг со новинарите беа во детали презентирани сите податоци за долговите на секое училиште посебно,било тоа да е од основното, или средното образование.Но новинарите не добија кокретен одговор како ќе се реши овој проблем и како ќе се платат долговите на училиштата кои во моментот изнесуваат ни помалку ни повеќе туку над 4,5 милиони евра.