Don't Miss
Home / Вести / Нинџа ја отвори душата

Нинџа ја отвори душата

Од затворот во Штип, Александар Василевски-Нинџа денеска беше спроведен во скопскиот Кривичен суд за да сведочи во случајот за организацијата на „27 април“.

Пред обвинетите Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, и Владимир Атанасовски, бивш директор на УБК, тој ја раскажа својата верзија за тоа што претходело и што се случувало на денот на крвавите настани во законодавниот дом во 2017 година.

Нинџа со првостепена пресуда е осуден на 8 години затвор во најобемниот судски процес за тие настани. И кога даваше исказ како обвинет, а и сега како сведок пред високите функционери во тогашната власт, тој ја раскажа својата верзија за случувањата, која директно го инволвира тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Уште пред да почне да сведочи, одбраната се спротивстави Нинџа воопшто да сведочи бидејќи тврди дека има контроверзен исказ, кој го дал во текот на истрагата за организаторите, што коинцидира со периодот пред изрекување на пресудата каде што тој беше обвинет.

„Има преголемата случајност во однос на датумите кога го има дадено својот исказ во фазата на истрага. Тоа е периодот по завршување на главната расправа, односно пред објавување на пресудата во предметот каде што е обвинет Нинџа. Друго, во произнесувањето на еден од неговите адвокати пред Апелација наведе дека по инсистирање и барање на неговиот клиент бил во преговори Нинџа да добие статус на соработник на правдата, а откако тоа не му било удоволено, тој преговарал за поволности во однос на изрекување на казната“.

Судот, сепак, одлучи Нинџа да сведочи, а судијата Илија Трпков рече дека неговото сведочење е под заклетва, како и дека станува збор за два различни предмети.

Збор пред да сведочи побара и самиот Нинџа и се пожали дека токму поради исказот и сведочењето за предметот за организаторите на настаните од 27 април, околу 2,5 години додека е во притвор, е под постојани закани од политички и безбедносни структури. Нинџа се претстави како бивш соработник на УБК со псевдоним Самурај, кој бил ангажиран во 2015 година од страна на тогашниот началник во УБК, Горан Грујевски. рече адвокатот Еленко Миланов наведувајќи дека затоа одбраната смета дека Нинџа не треба да сведочи сега бидејќи може да го искористи тоа за да добие поповолна одлука од Апелација која треба да се произнесе за пресудата со која тој е осуден на 8 години.

Ноќта по изборниот ден на 11 декември 2016, рече Нинџа, функционерите и раководството од ВМРО-ДПМНЕ ја прославувале победата во „Скај бар“ во хотелот „Русија“, но по два дена биле поднесени приговори, па биле организирани протести пред ДИК, за кои насоките доаѓале од ВМРО-ДПМНЕ.

„Имаше насоки да се влезе во зградата на ДИК и да се дејствува во насока на заплашување на членовите на ДИК да не одлучат спротивно на замислата на ВМРО-ДПМНЕ. ’27 април’ ќе се случеше порано ако ДИК одлучеше во корист на СДСМ“,рече Нинџа.

ДИК одлучила во корист на ВМРО-ДПМНЕ, но сепак партијата не формираше влада и се организираа протестите „За заедничка Македонија“.

„За повикување на масовност на протестите се одеше преку генералниот секретар Кирил Божиновски, преку организациониот секретар Спире Ристевски“,рече Нинџа.

Протестите, тврди Нинџа, биле организирани од партијата преку општинските и месните комитети, а вработени во градинки, „Водовод и канализација“ и други институции, кои биле членови партијата, требало да излезат и да ги поддржат.

Во тој период, рече Нинџа, по наредба на Владимир Атанасовски од УБК, биле следени и функционери од СДСМ, меѓу кои и Зоран Заев и Оливер Спасовски, и покрај тоа што бил технички министер за внатрешни работи, како и аналитичарот Алберт Муслиу, кој бил наклонет кон СДСМ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*