Home / Вести / Нов чекор на АД ЕСМ кон обновлива и чиста енергија

Нов чекор на АД ЕСМ кон обновлива и чиста енергија

Генералниот Директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов и  Пабло Обрадор, раководител на Одделот за енергија на Западен Балкан и Турција од КФВ Банка потпишаа нов грант договор во износ од 9,1 милиони евра за реализација на проект за втората фаза од Ветерниот парк Богданци што претставува уште една потврда за продолжување на патот кон одржлива и чиста енергетска иднина за Република Северна Македонија.

На настанот присуствуваа и Г-дин Холгер Шредер Раководител на Одделението за добрососедство и проширување при Европската комисија и Петра Дрекслер, амбасадор на Сојузна Република Германија.

„Ми претставува особена чест и задоволство што денешниот ден ја потврдуваме нашата посветеност на обновливата енергија, која претставува континуитет во поддршката од Европската Унија и КФВ Банка. Грантовите во износ од 20 милиони евра од страна на Европската Унија, а наменети за Ветерниот парк Богданци Фаза 2 и за Рехабилитација на Големите Хидро Електрани фаза 3, се доказ за успешните политики на Владата во делот на декарбонизација на енергетскиот сектор, како и на заложбите на АД ЕСМ за изградба на одржлив енергетски сектор кој поседува капацитет да се справи со предизвиците на глобалните економски текови“, изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов.

Ваквите важни партнерства се показател дека АД ЕСМ останува посветена во остварувањето на концептот за одржлив економски систем преку кој ќе се заштити егзистенцијата и квалитетот на живот за сите следни генерации.

„Имајќи ги предвид позитивните искуства од изградбата на паркот на ветерни електрани „Богданци“- прва фаза, АД ЕСМ со реализацијата на втората фаза го заокружува проектот во целост со вкупно инсталирана моќност од 50 MW. Дополнително, планирана е изградба на пристапни патишта, како и на 20 kV кабелска мрежа. Локацијата ќе биде во состав на постојниот парк на ветерни електрани на ридовите Ранавец и Главите, на надморска височина од 300 до 500-тини метри“, рече Стефанов.

„Со неповратниот процес на декарбонизација, од огромно значење е да се зголемат инвестициите во обновливи извори со цел да се зголеми енергетската безбедност и да се ублажат негативните влијанија врз климата“ посочи Пабло Обрадор, Директор на Одделот за Енергетика за Западен Балкан и Турција во КфВ.

Ветерниот Парк Богданци во своето десетгодишно работење покажа извонредни резултати. Преку производството на над 1000 гигават часови електрична енергија, го надмина планот за производство предвиден во проектот и студиите за реализација на овој проект. Затоа, ова не е само вложување во енергетика, туку и во македонската економија, како и во иднината на граѓаните. Реализацијата на оваа втора фаза ќе придонесе кон отворање на нови работни места, развивање на локалната заедница и унапредување на енергетската инфраструктура.

Г-дин Холгер Шредер истакна дека огромниот одржлив енергетски потенцијал на Северна Македонија, особено преку ветер и соларна енергија, е огромна можност за земјата, која е важна во напредувањето на Зелената агенда. Покрај тоа, модернизацијата и климатската трансформација на енергетскиот сектор – со поддршка од Тим Европа – е клучен дел од процесот на пристапување во ЕУ. ЕУ ќе продолжи да биде силен партнер во обезбедувањето помош за спроведување на проектите во обновливата енергија со целите за промовирање на економскиот раст, заштитата на животната средина и на крајот да ја доближи Република Северна Македонија до Европската унија.

„Како дел од нашата заедничка глобална посветеност, развојот на обновливата енергија е клучен приоритет на ангажманот на Германија во Република Северна Македонија. Ветерниот парк Богданци придонесува за зазеленувањето на енергетскиот сектор. И што е поважно: тоа исто така го прави поодржлив“, изјави Петра Дрекслер, амбасадорката на Сојузна Република Германија.

За потсетување, ова е продолжување на успешната  соработка на АД ЕСМ со КФВ. Пред една година, компанијата потпиша договор за заем за спроведувањето на третата фаза од проектот за ревитализација на шесте големи хидроелектрани со кој е предвидена замена на застарената и дотраена опрема и намалување на времето на прекин поради планирано и непланирано одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот, како и заштита на животната средина.

Истиот Проект е исто така ко-финансиран со грант средства од страна на Европската Унија во износ од 11,1 милиони евра.

Исто така, на самитот КОП28 во Дубаи, се потпиша и меморандум за соработка со конзорциум од меѓународни финансиски институции, со кој на Република Северна Македонија и се ставаат на располагање 3 милијарди евра за спроведување на праведната енергетска транзиција.

Со ваквите енергетски процеси и политики, ЕСМ како компанија има историска шанса да биде предводник на изградбата на одржлив енергетски сектор, во кој фокусот ќе биде и на граѓаните и нивниот интерес. Присуството на институциите од Европската Унија, како и меѓународните финансиски институции се само доказ и потврда дека овој процес ќе биде успешен, и дека ова е патот на иднината во енергетскиот сектор, се вели во соопштението на АД ЕСМ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*