Со јавен повик за изградба и реконструкција на нови покриви во колективните станбени објекти, Општина Карпош почнува со големата акција за изградба и санација на покривите на колективните станбени објекти на своја територија.
Денеска, пред првата таква зграда која е за пример во Општината, градоначалникот, Стевчо Јакимовски ги презентираше критериумите и условите за конкурирање на огласот и за материјална поддршка од локалната власт.
– Средствата за нов покрив ќе се доделуваат врз основа на критериуми и со бодирање, кое ќе зависи од староста на зградата, од бројот на станови кои што ги има самата зграда. Доколку се работи за реконструкција на покриви, ќе се процени оштетеноста на покривот и колку се оштетуваат становите на станарите кои живеат на највисоките катови – рече Јакимовски при што нагласи дека токму денеска Општина Карпош го објави јавниот повик, за изградба и реконструкција на постоечки покриви на колективните станбени објекти.
-Она што ќе го донира Општина Карпош до заедниците на станарите е ламарината, шрафовите како и парната брана, а граѓаните ќе бидат должни, доколку се работи за нов покрив, да обезбедат работна рака, покривна конструкција како и да имаат проект кој треба да биде со градежно одобрение од Општина Карпош – истакна првиот човек на локалната самоуправа.
Станарите од зградата на улица „Никола Тесла” бр.18 се првите кои самоиницијативно собрааа финансиски средства од околу 20.000 евра за изградба на покрив. Претставникот од заедницата на сопственици на станари го потврди овој податок и најави брз почеток со изградбата.
-Изготвен е проектот и истиот помина преку општинските инстамци, од каде што добивме одобрение за градење. Тоа е истакнато јавно, во двата влеза, односно секој може да го види, и на база на предмет – пресметката од самиот проект е дојдено до сумата која е потребна да се реконстурира покривот. Како заедница на станари собравме над 20.000 евра. Но, се разбира, ни недостасуваа средства, па се обративме во писмена форма до локалната самоуправа која ни излезе во пресрет. Изведувачот веќе го имаме и во секое време очекуваме да се почне да се работи.
Покривот практично не ни постоеше, бидејќи имаме беспокривна конструкција со проодна тераса.
Градоначалникот Јакимовски упати апел до жителите на станбените објекти на територија на Општина Карпош, да го прифатат овој позитивен пример кој се заснова на заедничка меѓусебна соработка на заедниците на станари и локалната власт.
Б.В.