Новиот папа е 70. годишниот Американец Роберт Превост. Тој го зел името Лав XIV.
Поголемиот дел од својот свештенички живот го поминал надвор од Соединетите Американски Држави, претежно во Перу, каде што бил пастор, професор, едукатор и епископ. Ова го прави еден од ретките американски кардинали со длабоко искуство во Латинска Америка.
Тој е префект на Дикастеријата за епископи, една од највлијателните позиции во Ватикан. Превост е умерен, способен за дијалог и поврзување на различни струи во Црквата, веруваат аналитичарите. Неговиот стил и приоритети се блиски до реформскиот дух на папата Франциск, поради што ужива поддршка од некои кардинали кои сакаат континуитет.
„Гардијан“ пишува дека Превост е „ѕвезда во подем“ и го цитира католичкиот весник „Крукс“ во кој се вели дека Превост е „познат по својата цврста проценка и остри вештини за слушање“. „Гардијан“ пишува дека Превост го засени фаворитот Паролин.
Тој се соочува со критики за начинот на кој се справувал со случаите на сексуална злоупотреба за време на неговата служба во Перу и претходно во САД. Иако неговите застапници нагласуваат дека тој дејствувал според црковните правила, некои критичари веруваат дека тој не реагирал доволно транспарентно и решително.
Роберт Френсис Превост е американски кардинал и член на Редот на Свети Августин (О.С.А.), роден на 14 септември 1955 година во Чикаго.
Превост ја добил својата диплома по математика на Универзитетот Виланова, а потоа магистрирал по теологија на Католичкиот теолошки сојуз во Чикаго. Потоа, тој го завршил својот лиценциран и докторски степен по канонско право на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквинас“ (Ангеликум) во Рим.
Тој е ракоположен за свештеник во 1982 година, а во 1985 година е испратен како мисионер во Перу, каде што поминал речиси две децении. Таму тој имал разни пастирски и образовни позиции, вклучувајќи ја и службата на игумен, професор и дворски викар.
Во јануари 2023 година, тој беше назначен за префект на Дикастеријата за епископи, телото одговорно за назначување епископи низ целиот свет, и претседател на Папската комисија за Латинска Америка. Во септември истата година, папата Франциск го назначи за кардинал.
Превост течно зборува англиски, шпански, италијански, француски и португалски јазик, а може да чита и латински и германски јазик.
Извор: Макфакс