Ученици и професорите од средното училиште „Ла Рокел” од градот Кутанс, Нормандија – Република Франција, заедно со учениците и професорите од битолската гимназија „Јосип Броз Тито” во неделата на Француските гробишта во Битола го одбележаа 8 мај, Денот на завршувањето на Втората светска војна.
На заедничката средба, француската амбасадорка во Македонија, Лорен Оер посочи дека славењето на 8 мај, Денот кога заврши Втората светска војна е исклучително важно и, како што рече „затоа ние се одлучивме одбележувањето да го реализираме на ова свето место, на Француските гробишта во Битола”.
-Тука сме со надеж дека новите генерации ќе ја сфатат големината на тоа што значи мирот и колку е лоша војната и дека не треба да се губат човечки животи. Се борам за да нема граници меѓу народите, верувам во еден подобар свет во кој секако дека ќе биде и Македонија, истакна Оер.
Во чест на големиот ден и пријателството меѓу двата народа, учениците од Франција изработија скулптура од камен која го симболизира сеќавањето на минатото и обврските кои произлегуваат за иднината. Плочите се напишани на македонски и француски јазик и секој посетител на Француските гробишта во Битола ќе прочита „Почит кон овие луѓе”, „Мир, Европа, братство”, „Почит кон Македонскиот народ”.
Изразувајќи загриженост за политичката состојба во Република Македонија амбасадорката на Франција Лорен Оер истакна:
– Политичката криза во Македонија не загрижува сите, особено мене затоа што доаѓам од Франција, една од државите основачи на Европската Унија. Штета е што на 9 мај треба да ја славиме Европа во ситуација кога сме загрижени за Република Македонија и си го поставуваме прашањето како ќе се излезе од кризата. Се прашуваме како на 5 јуни би имало избори кога условите се уште не се усогласени помеѓу политичките партии, листите не се подготвени и навистина мора да се излезе од оваа криза – изјави француската амбасадорка, Лорен Оер.