Don't Miss
Home / Вести / Одбележани 188 години од формирањето на Битолската противпожарна служба

Одбележани 188 години од формирањето на Битолската противпожарна служба

Со полагање свежо цвеќе пред спомен плочата на Територијалната противпожарна единица, во Битола беше одбележан 20 Мај, Денот на македонските пожарникари и 188 години од формирањето на Битолската противпожарна служба.

Свежо цвеќе положија градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, градоначалникот на Општина Могила, Драганчо Саботковски и претставници на Битолскиот Совет.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски честитајќи им го Денот на пожарникарите, им се заблагодари за пожртвуваноста, храброста, хуманоста и солидарноста, при сите интервенции, кога е потребно нивно делување за заштита на животот и зачувување на безбедноста на населението и материјалните добра, при пожари и други непогоди.

Денес, одбележуваме исклучителен јубилеј 188 години од првата Територијална противпожарна единица на Балканот. Како локална самоуправа денес оддаваме почит на сите оние коишто се вложиле во чувањето на нашите животи. Наша цел е да ги подобриме условите во оваа значајна противпожарна единица во нивното работење, стандардот и условите во коишто работат овие херои. Од скоро започнаа градежните активности за изградбата на новата противпожарна единица во просторот на поранешната Касарна. На 1.500 квадратни метри ќе никне нов објект. До крајот на оваа година, објектот според проценките е дека ќе биде до карабина и потоа ќе започне втората фаза за внатрешно уредување, а исто така заедно со Општините Новаци и Могила правиме се и во делот на опремувањето-истакна на одбележувањето, градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Горан Димкоски, заменик командир на Територијалната противпожарна единица во Битола рече дека битолските пожарникари со нетрпение го очекуваат новиот објект што ќе биде во делот на поранешната Касарна.

-Јас после повеќе од 30 години работно искуство го очекувам тој момент. Објектот ќе ни биде од исклучителна важност, бидејќи локацијата е мошне добра, ќе имаме простор и за вежбање. Градот ќе ни биде буквално на дланка, кон центарот, од источната и западната страна. Дополнително, ќе се направи проценка дали сите пожарникари ќе се преселат во новиот објект, или дел од нив ќе остнат во досегашната зграда, за да работи и овој дел. Во секој случај ќе ни бидат неопходни нови вработувања. Моментно сме 41 вработен пожарникар, но, според прописите треба на 1.500 жители да биде еден пожарникар, што значи дека треба да бидеме вкупно 65 пожарникари. Моментно, имаме одлични 14 протипожарни возила, имаме исклучително добри теренски возила што ги набавивме од Франција, што можат да донесат вода на која било локација-рече заменик командирот Димкоски.

На денешното одбележување, за првпат беа доделени благодарници за посветеноста и професионалноста на пожарникарите кои дале придонес во развојот и напредокот на ТППЕ Битола.

Благодарници на пожарникарите кои се пензионираат, а тоа оваа година се Јоше Влинтовски и Марјан Гиновски, но и благодарница во форма на златна плакета за лица кои во својот работен век, со својата посветеност и ангажираност дале посебен придонес во развојот и напредокот на ТППЕ Битола. Оваа година, на предлог на вработените во ТППЕ Битола, таква плакета му беше доделена на Владо Наумовски.

Пензионерот Александар Василевски, сподели сеќавања од неговата работа како пожарникар во Битолската пожарна.

Повеќе од три децении работев како пожарникар прво во Скопје, потоа се префрлив во Битола. Многу ја сакам службата и кога би се вратил назад, повторно би бил пожарникар. Треба огнот да се плаши од пожарникарот, а не пожарникарот од огнот. Најголемиот пожар што го паметам беше во селото Гермијан близу до границата со Грција во 1980 година-рече Александар Василевски, пожарникар во пензија на денешното одбележување на 20 Мај, Денот на македонските пожарникари и 188 години од формирањето на Битолската противпожарна служба.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*