Don't Miss
Home / Колумни / Одлучуваат (не)определените

Одлучуваат (не)определените

Уште само три дена не делат од одржувањето на новите предвремени парламентарни избори.

На 11.  декември, по долготрајните и наелектризирани преговори, со посредство на меѓународната заедница, во Македонија  конечно ќе се случат предвремените избори. И како по договарањето, а подоцна и одложувањето на изборите, најпрво на 24 април, а потоа и на 5 јуни, има(ше) скептици дека во Македонија повторно ќе дојде до ново одложување на изборите, сепак се чини дека нема никави пречки, ниту причини в недела, на 11 декември  да  не се одржат новите предвремени избори.

На политичките партии им (пре)остануваат  уште само два дена да ги разубедат своите членови и симпатизери, како и подржувачи дека тие се вистинскиот избор.

Во изминатите  17 дена, граѓаните имаа можност да ги проследат сите критики и ветувања на политичките лидери, кои во изборите влегоа со оптимизам дека тие се решението за Македонија.

Иако,  и останатите политички партии и коалиции во изборите влегуваат со оптимизам, дека овој пат ќе им ги расипат сметките на двете најголеми политички партии, сепак,  како што стојат работите по се изгледа дека и овој пат на изборите главната трка ќе се води меѓу  ВМРО ДПМНЕ и СДСМ и нивните коалициони партнери. Никола Груевски и Зоран Заев  во изборите влегуваат со иста желба да седнат на премиерската фотелја.

Но,  овие избори не се значајни само по тоа кој ќе ја освои власта и ќе седне на најжешката фотелја во државата, тие се речиси  од судбинска важност, бидејќи резултатот од изборите во најголема мера ќе им ги одреди и  натамошните  животни судбини на некои политичари, кои се наоѓаат во тевтерчињата на Катица Јанева и Марко Зврлевски.

На овие избори влогот е огромен.

Оттаму, битката за секој глас ќе се води до самиот изборен ден, па дури и на денот на гласањето.

Затоа,  многумина сметаат дека в недела, на 11 декември, на македонската политичката сцена, како во вестерн филмовите ќе се случи дефинитивната пресметка меѓу Груевски и Заев.

Победникот овој пат се чини носи се, а поразениот губи се, а можеби и слободата.

Цели две години,  македонската јавност е сведок на политичката пресметка меѓу двајцата лидери на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. И двајцата меѓусебно се обвинуваат за тежок криминал. Додека Груевски го обвинува Заев дека со аферата “Пуч“, буквално го довел во прашање  опстанокот на државата, Заев со објавувањето на “бомбите“  го терети Груевски за злосторничко здружување, со  кое извршил  тежок криминал во Република Македонија и за масовно кршење на човековите права и слободи.

Во изминатиот период и едниот и другот си испратија пораки  не само за крај на нивните политички кариери, туку и за долгогодишна робија.

Со своите пламени политички говори и Заев и Груевски успеаја да ја зовријат атмосферата, не само кај членовите на нивните политички партии, туку и кај неопределените граѓани.

Во Македонија не само за време на изборната кампања, туку и многу пред тоа никој за ништо не зборува, туку само за тоа кој ќе победи, а кој ќе загуби на изборите. Како на кладилница, последните денови,  граѓаните се опкладуваат за резултатот од изборите.

Последните денови во јавноста се објавуваат разно- разни анкети, кои во зависност од тоа кој ги нарачува и кој ги плаќа, такви резултати спинува.

Додека власта тврди дека на претстојните избори СДСМ ќе доживее најтежок пораз во историјата на Македонија, од СДСМ возвраќаат дека “режимот“ на Никола Груевски е готов и дека  ВМРО ДПМНЕ по 11.  декември ќе биде опозиција во Македонија.

Како и да е. На политичките партии им (пре)остануваат само уште два дена да ги разубедат своите поддржувачи и симпатизери да гласаат за нив.

Со оглед на партиската поделеност и заслепеност, за тоа нема да им треба ни многу време ни голем напор. Сепак свесни дека изборите на 11 декември нема да ги одлучат само политизираните граѓани, тие последните денови многу повеќе напор и енергија потрошија да ги (раз)убедат неопределените гласачи, кои ги има над 30 отсто. Иако нив на речиси сите избори никој не ги прашува, сепак, тие се тие кои најчесто  ги одлучуваат изборите.

Според најголемиот број политички аналитичари неопределените и овој пат ќе бидат тие кои со својот глас ќе го одлучат победникот на изборите. А кој ќе биде тој ќе одлучи народот и ќе се знае в недела, нешто пред полноќ. Дотогаш сите имаат право да се надеваат. Но, на овие избори покрај тоа што народот ќе им ја одреди судбината на политичарите, политичарите ќе мораат да му ја одредат судбината на народот, а со тоа и на државата.

В недела,  во Македонија по кој знае колку изборни циклуси, мораме да бидеме сведоци кога поразениот, макар и колку тешко да му падне поразот, ќе му ја честита победата на победникот, а не како досега да слушаме разно-разни алиби изјави дека изборите биле вакви или такви, и чувај не господе партиите кои ќе загубат  не ги признаваат резултатите до изборите.

Македонија повеќе нема ниту сила, ниту енергија да слуша и поднесува такви  сценарија, зашто во тој случај  Република Македонија не само што нема да излезе од политичката криза, туку ќе влезе во уште поголема криза, по која најмалку ќе биде важно кој е виновен, или кој прв почна.

На овие избори не е во прашање судбината на Никола Груевски или Зоран Заев. Најмалку е битна и политичката кариера или судбина на нивните раководства, кои слепо ги следат и спроведуваат нивните политики. Во прашање е судбината на Република Македонија, а таа кога е во прашање нема цена.

Во изминатите  не само 2,5 години, туку 2, 5 децении од својата независност, Македонија била жртва на многу политички игри, сценарија, премрежја, калкулации, подметнувања од страна на речиси сите политички партии.

Во тој период доста често политичарите, гледајќи ги пред се своите политички интереси си поигруваа со интересите на државата.

На македонската политичка сцена во сите овие 25 години, на власт се менувале и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.

Народот добро знае, без политичарите постојано да го потсетуваат на тоа, кој  како владеел, или како се живеело во времето на нивото владеење.

Македонскиот народ добро знае кој што (не)направил во Македонија, кој колку (не)направил за државата, а колку за себе. Колку некои да се тудат да мислат така, сепак овој народ  не боледува од деменција и  е со кусо паметење, па постојано некој да му кажува кој како владеел. Тој толку многу добро памети што не треба никој да го потсетува.

Затоа, да ги оставиме граѓаните  в недела, на 11 декември секој да одлучи по својата совест и убедување.

Политичарите имаа што да кажат и кажаа се што имаат, дури и повеќе.

В недела е време и суфлерите да се тргнат настрана. Време е народот да ја донесе својата одлука, од која во наредните 1,2,3 или 4 години, ќе зависи неговата животна и семејна судбина, по која тој дали ќе се кае или не ќе знае само тој.

Колку и да звучи иронично, сепак,  време е во Македонија конечно да се реализира мислата на екс лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски кој во едно не толку далечно време  рече  дека  што ќе му е партијата доколку ја загубиме државата.

Колку и да бил оспоруван Црвенковски во неговата политичка кариера мислам дека кога ја изрече оваа мисла беше во право.

Овој пат македонскиот народ нема право на грешка.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*