Home / Вести / Околу 900 деца трчаа на трката „Мини трчај бе” на Градското шеталиште во Битола

Околу 900 деца трчаа на трката „Мини трчај бе” на Градското шеталиште во Битола

На Градското шеталиште во Битола вчера вриеше како во кошница. Околу 900 деца учествуваа на втората по ред детска трка „Мини трчај бе” под мотото „Мали чекори за големи соништа”.

Интересот годинава ги надмина и нашите најоптимистички очекувања, бидејќи ако бројката на пријавени деца минатата година изнесуваше 380, оваа година достигна близу 900 учесници на трката. Градското шеталиштето е најидеалното место за одржување на ваква детска трка. На трката учествуваа деца од 4 до 12 години во машка и женска категорија. Наставниците и професорите по физичко образование од битолските училишта имаа активна улога во трката- рече Никола Димитровски еден од организаторите на трката „Мини трчај бе”.

Големиот интерес за „Мини трчај бе” и „Трчај бе” всушност покажува дека се враќа атлетиката во Битола, но, и она што е сигурно дека се враќа желбата на децата за трчање и за здрав начин на живот и спортување.

Ние како организатори на „Трчај бе” го раководиме детскиот клуб „Олимп” и можам да истакнам дека после секоја трка, се повеќе деца се пријавуваат за да бидат членови на клубот, но, освен она што ние го правиме заедно со наставниците по физичко образование, неопходно е да се подигне и свеста кај родителите, бидејќи тие се тие што треба да ги насочат децата. Тука потребна е вклученост на надлежните институции во однос на инфраструктурата, спортски реквизити итн- додаде Димитровски.

Инаку, додека беа пријавувањата за денешната трка, организаторите донираа и  50 стартни пакети на децата од социјално ранливите семејства, обезбедувајќи и тие деца да имаат можност да учествуваат и да уживаат во трката.

Градоначалникот Тони Коњановски рече дека Општината Битола ќе продолжи и понатаму да дава поддршка на ваквите настани во градот, бидејќи спортот игра важна улога во развојот на младите.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*