Општина Битола го усвои Локалниот акциски план за управување со отпад со кој се врши детектирање на клучните недостатоци и проблеми во делот на управувањето со отпад, стратешки дефинирајќи го начинот на обезбедување услуги на што е можно повеќе корисници, воведување на систем за селекција на отпад и собирање на посебни текови на отпад, намалување на количините на органски отпад што завршуваат на депонија, затворање и санација на ѓубришта и обезбедување приходи кои целосно ќе ги покријат трошоците за управување со отпад.
На овој начин, ќе се постигне зголемена заштита на природната средина, ќе се подобри квалитетот на водата и почвата, ќе се елиминира негативниот тренд на создавање диви депонии, а преку намалување на емисиите на прашина и загадувачки супстанции ќе се подобри квалитетот на воздухот, што е особено значајно за здравјето на луѓето, за туристичката привлечност и економскиот бенефит за граѓаните и бизнис секторот.
Вклученоста на сите засегнати страни, ќе овозможи подигнување на јавната свест, но и поголема ефикасност на неопходните чекори кои треба да ги подигнат стандардите во средината и квалитетот на живеењето. Управувањето со отпадот е процес на кој континуирано и посветено треба да работиме. Со изготвувањето на овој документ, јасно се дефинираат насоките кон кои треба да бидат ориентирани општинските годишни програми, а со тоа и буџетските рамки за реализација на наведените приоритети, што е гаранција за одржлив развој и напредок на локално и регионално ниво.
Локалниот акциски план го подготви работна група составена од членови на општинската администрација и јавното комунално претпријатие, со поддршка од SALAR International и Шведската агенција за меѓународен развој.
Планот е достапен на следниот линк: Локален акциски план за управување со отпад 2024 – 2025 https://www.bitola.gov.mk/wp-content/uploads/2024/02/LAP-Bitola_MK-Final.pdf