Don't Miss
Home / Култура / Оскаровката Жулиет Бинош главна ѕвезда на “Браќа Манаки 2014“

Оскаровката Жулиет Бинош главна ѕвезда на “Браќа Манаки 2014“

ИФФК „Браќа Манаки” и Вип оператор со огромно задоволство и после неколкугодишни преговори открија дека годинава ја остваруваат својата огромна желба да ја донесат во Македонија сигурно најбараната актерка во моментов и една од најголемите на сите времиња, Жулиет Бинош, која доаѓа во период кога директно и многу активно е вклучена во светска промоција на филмот “Облаците на Силс Марија“, гостувајќи на голем број еминентни фестивали, како што се Кан и Торонто меѓу другите.

juliette-binoche

Токму овој, актуелен филм, ќе биде прикажан во нејзина чест на свеченото отворање на 35. издание на „Браќа Манаки”, после церемонијата на црвениот тепих пред Центарот за култура во Битола, при што ќе ја прими специјалната „Златна камера 300” за особен придонес во филмската уметност. Во “Облаците на Силс Марија“ играат уште и холивудските ѕвезди кои допрва надоаѓаат, Кристен Стјуарт од сагата “Самрак“ и американската манекенка и актерка Клои Грејс Морец. Филмот е напишан специјално за Бинош од страна на режисерот Оливие Асаја. Јавниот разговор отворен за публиката ќе се одржи на 14 септември од 11 часот во малата сала на Центарот за култура.
Името на француската актерка е поврзано со огромен број примери на нејзиниот вонсериски артистички потенцијал. Филмовите и наградите, распоредени пропорционално во целата тридецениска кариера, се само дел од приказната. Бројката е исклучителна, 58 филмови, 28 награди од буквално сите фестивали кои значат во светот на филмот, меѓу кои и Оскар за најдобра споредна улога во Англискиот пациент од 1996 година на Ентони Мингела.
Честопати во кариерата толкува ролји на сериозна жена исправена пред уште потешки проблеми во животот.

Clouds-of-Sils-Maria-01

И, без оглед какви оцени добиваат филмовите во кои се појавува, речиси без исклучок, Бинош е омилената актерка на сите филмски критичари.
Не само на платното, туку и во театарот е неприкосновена, со бројни улоги во големите метрополи.
Инаку, 35-тото издание на „Браќа Манаки” ќе се одржи од 13 до 19 септември. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300” за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300”, Англичанецот Крис Менџис. Два македонски филма ќе ги имаат своите премиери, “До балчак“ на Столе Попов и “Децата на сонцето“ на Антонио Митриќески. Вкупно 76 филма во осум категории ќе бидат прикажани на Фестивалот, меѓу кои и омаж на Милчо Манчевски. Годинашниот јубилеј ќе се одвива под слоганот “Кон ѕвездите“.

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*