.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Економија / Отказни решенија за 200 работници во битолска текстилна компанија

Отказни решенија за 200 работници во битолска текстилна компанија

Дали последната текстилна компанија во Битола, „Мокел“, за која сите веруваа дека ја преживеа транзицијата, заминува во историјата е прашање што деновиве сѐ погласно си го поставуваат битолчани, откако доминантниот сопственик одлучи на сите вработени да им го раскине работниот однос и да ги одјави.

За тоа каква ќе биде натамошната судбина на „Мокел“ никаква информација немаат ниту 200-те вработени, кои добија отказни решенија, ниту управителот на фирмата, текстилниот инженер, Владо Пејчиновски.

– Не знам што ќе биде со нас. Новиот сопственик на „Мокел“, кој е од Скопје и кој од пред извесно време има најмногу акции, едноставно, без ништо да ни објасни ни ги раскина работните односи и нѐ одјави од компанијата. Сега, освен управителот, кој го задржа работното место, сите преостанати сме пријавени во Агенцијата за вработување – велат вработените на „Мокел“.

Управителот Владо Пејчиновски откако потврди дека на сите вработени им е раскинат работниот однос, изјави дека во овој момент нема никакви други информации од сопственикот на фирмата околу натамошната судбина на „Мокел“.

– За тоа каква ќе биде судбината на „Мокел“ единствено може да одговори сопственикот на фабриката и никој друг – изјави Пејчиновски.

Инаку, фирмата главно се занимаваше со лон-производство на тешка конфекција, главно за познати купувачи во САД, Холандија, Велика Британија, Германија и во Франција.

Според дел од вработените, токму во моментот кога „Мокел“ требало да испорача големи количества конфекциски производи за странство, вработените, кои во целиот изминат период биле доста трпеливи поради неисплатени 2,5 плати, стапиле во штрајк. Штрајкот, за кој битолската јавност воопшто не беше информирана, се одвивал исклучиво во погоните на фабриката. Работниците ги исклучиле машините и не сакале да работат додека не им биле бидат исплатени заостнатите плати.

Откако новиот сопственик, кој поседува над 51 отсто од акциите на „Мокел“ не успеал да ги убеди вработените да продолжат со работа, бидејќи партнерите со кои имал потпишано договори за работа можело да го раскинат договорот, сопственикот на фабриката се одлучил на сите вработени да им го раскине работниот однос и да ги одјави. Поради тоа, некои од вработените велат дека самите се виновни за отказните решенија.

„Мокел“ произлезе од некогашната текстилна фабрика „Иднина“ (Елпида), која вработуваше над 1.500 работници.

Откако во деведесеттите години замина во стечај од оваа фабрика беше формирана новата компанија „Мокел“, во која беа вработени над 600 работници.

И покрај сите предизвици со кои се соочуваше во изминатиот период оваа компанија редовно имаше договори за работа, а работниците, за разлика од вработените во грчките текстилни компании земаа пристојни плати.

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*