Don't Miss
Home / Вести / Отворена изложба 140 години од рагањето на Милтон Манаки

Отворена изложба 140 години од рагањето на Милтон Манаки

       

– Една фотографија – илјада зборови, но, има фотографии што ви ги одземаат сите зборови, сите противречни аргументи. Токму такви се и овие фотографии и подвижни слики на браќата Манаки.

 Ова го изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето  на изложбата „140 години од раѓањето на Милтон Манаки 1882 – 2022“ организирана од битолското одделение на Државниот архив во НУ Завод музеј Битола.

        – Од првото „Ателје за уметничка фотографија“ во Битола, купувањето на тристотиот примерок на камерата „Бајоскоп“ (Bioscope) во Лондон, до нивното кино „Манаки“, всушност е создадена историја, не само со културна и уметничка вредност. Од „Браќа мечтатели“ до „Браќа на светлината“, љубопитниот Јанаки и темпераментниот Милтон, биле хроничари на турбулентната прва половина од 20 век – додаде таа.

        Инаку браќата манаки  ги овековечиле случувањата во кралските дворови во Букурешт, во Белград и на Османлискиот двор, оставиле и траен запис од илинденците, како и од страдањата на македонскиот народ во крвавиот период по Илинденското востание. 

– Објективот не го испуштиле од рака – од Илинден 1903 до фашистичкиот пораз 1944 и влегувањето на македонските партизани во Битола.

 Со еднаква професионалност и страст направиле илјадници фотографии и подвижни слики и од кралеви и од селани, и од окупатори и од револуционери, и од порази и од победи, и од сити и од прегладнети, и од палати и цркви и од трошни куќи, и од дијадеми и од носии, и од царски балови и од народни игри и ора – рече Костадиновска-Стојчевска, која нагласи дека нивната културна оставина е историско сведоштво кое мора достојно да го вреднуваме и да продолжиме да го заштитуваме и од забот на времето и од заборавот.

        – Ниту Балканот, ниту Европа, па дури ни светот, а најмалку ние, смееме тоа да го дозволиме. Зашто опусот на браќата Манаки, кои се основоположници на македонската кинематографија, над сѐ, има цивилизациска вредност, изјави министерката  за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*