Некои рекле дека со смртта на луѓето, умираат и сеќавањата за нив. Но времето на заборавот не е исто за сите. За некои сеќавањата избледуваат уште истиот миг, за други траат извесно време, а за човекот како Ајри Демировски траат цело време. Тоа е така, затоа што таквите луѓе, едноставно, не умираат. Тие живеат! Вечно!
Пет години од смртта на авторот на песната “Битола мој роден крај“
Магазата во Битола беше претесна да ги прими сите оние што прексиноќа сакаа да го проследат документарниот филм за Ајри Демировски, авторот на песната „Битола мој роден крај“, кој беше прикажан во рамките на битолското културно лето „Битфест“. Огромната посетеност на проекцијата на филмот беше најдобра потврда дека битолчани, и пет години по неговата смрт, сѐ уште не го заборавиле Ајри и дека го почитуваат неговото антологиско дело.
Гледајќи го документарецот за Ајри падна и по некоја солза, како на соговорниците, кои во филмот зборуваа за него, така и на тие што го следеа овој настан, кој побуди многу носталгија, емоции и сеќавања за човекот кој со песната „Битола мој роден крај“ ја направи Битола вечна, но кој, исто така, себеси се запиша во листата на вечните. Творечкиот опус на Ајри Демировски, според исказите на самиот автор, се состои од околу 80 песни. Најголемиот број од нив имаат антологиско значење, а интересно е да се знае дека токму тие долги години биле „безимени“ и се пееле како народни, без да знаат дека нив ги напишал токму Ајри. Но тоа нему воопшто не му пречеше.
– Важно е тие да се пеат. Битола е прекрасна. Таа со сите свои убавини предизвикува блаженство на душата. Битола е како лебедот кој не треба да се мие, зашто е бел, неоцрнлив! Таа е најубавиот град, не само на Балканот туку и пошироко – знаеше да каже сега веќе покојниот прв почесен граѓанин на Битола, Ајри Демировски.
– Тоа вие, заслепени од суетите и од секојдневните обврски и грижи не можете да го видите и почувствувате, но јас го чувствувам и го гледам и со затворени очи. Гледам многу се карате. Тоа ми пречи. Ве изедоа суетата, злобата, зависта. Затоа имам една молба и совет, нека биде и аманет. Заборавете на суетите и сакајте се. Сакајте ја Битола, како што ја сакам јас – знаеше да каже Ајри, човекот кој себеси и сите околу него ги викаше душички.
Тој аманет Ајри го даде токму тогаш кога, иако со кревко здравје, дојде во Битола уште еднаш, за последен пат да прошета по Широк Сокак, да вдише, како што велеше, од озонот на градот.
Инаку, Ајри Демировски со одлука на советот на општината Битола, во мај 2007 година беше прогласен за прв почесен граѓани на Битола. Иако живееше во Турција, тој честопати знаеше да каже „Снагата ми е во Турција, душата во Битола“, зборови кои беа инспирација композиторот Валентин Соклевски да ја напише најубавата песна за Ајри, што ја испеа Сефедин Бајрамов.
– Ајри Демировски беше талентиран музичар. Тој внесе нов звук во македонскиот мелос. Тој е расен поет, кој од лирски текст правеше потресна драма. Демировски даде многу за Битола, но и Битола му возврати соодветно. Го прогласи за прв почесен граѓанин – вели професорот Александар Стерјовски. Со неговите зборови би се согласиле битолчани, кои за големиот музичар имаат само убави зборови.
– Најверојатно човек треба да изгуби за да сфати колку многу имал. Ајри беше човек од пример, кој знаеше да го покаже патот кон светлината, кон доброто, кон ангелите, кон совршенството. Тој ја опеа Битола со чувство, со срце, со душа, со збор, со музика и ни покажа во каков ритам треба да дишеме сите. Ајри е човекот кој со својот ритам можеби го претскажа идното време, човекот кој живееше и во претходниот и во овој век и кој ни покажа како може да се сака. И не случајно неговата песна и неговите ноти така блиску се врзуваат за сите добри луѓе. Не само за Македонците. Се разбира, најмногу за нас, за сите ние кои живееме во Битола – нагласува градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески.
Само убави зборови за големиот битолчанец имаат и неговите колеги, музичарите.
-Ајри е човекот што со едноставни ноти и со многу едноставни зборови го кажа вистинското и правото. Зошто? Затоа што беше искрен и затоа што вистински тоа го чувствуваше. Ајри Демировски е со духот по Широк Сокак, Саат кулата, реката Драгор, Пелистер. Тој е насекаде – нагласи по проекцијата на филмот Виолета Томовска.
Некои рекле дека со смртта на луѓето умираат и сеќавањата за нив. Но времето на заборавот не е исто за сите. За некои сеќавањата избледуваат уште истиот миг, за други траат извесно време, а за човекот како Ајри Демировски траат цело време. Тоа е така, затоа што таквите луѓе, едноставно, не умираат. Тие живеат! Вечно!
Со нивната смрт тие заминуваат во вечноста и остануваат вечно да живеат. Таков беше и вечно ќе остане да живее човекот кој со својата песна и Битола и себеси се запишаа во вечноста, беше заеднички заклучок на сите присутни на проекцијата на филмот за Ајри Демировски во Магазата во Битола.
Творечкиот опус на Ајри Демировски, според исказите на самиот автор, се состои од околу 80 песни, најголемиот број од нив имаат антологиско значење. Тука би ги спомнале:
1. Збогум мајко
2. За кого ти цути Дано лицето
3. Со Битола се гордеам
4. Сва ноќ ле Надо
5. Покрај битолските касарни
6. Доне, Донке
7. Саноќ седам Трено
8. Болен лежи млад Стојан
9. Македонијо
10. Мариче ле лично девојче
11. Доста, доста лично ле Стојне
12. Немој ме мила мамо луто да колниш
13. Мори моме малој моме
14. Каде си тргнала Јано
15. Таму ле мајко близу Битола
16. Чујте ме мили земјаци
17. Сношти те Маре сонував
18. Магдо мори Магдалено
19. Ми се излага Џемиле
20. Сношти јас те чекав Маре
21. Ајде станав се оженив
22. Битола мој роден крај
Автор: Менде Младеновски
Фотографии: Сашо Ристевски