Home / Вести / Во книгата „Структурата на моќта во Битола“ анализирани претставници на економско-политичката елита

Во книгата „Структурата на моќта во Битола“ анализирани претставници на економско-политичката елита

Во Битола, како локална заедница, политиката сè уште доминира во сферата на одлучувањето, со тенденција економските моќници полека да се осамостојуваат во однос на политичките партии, кои сепак, доминираат во власта рече на промоцијата на книгата „Структурата на моќта во Битола“ авторот д-р Пеце Цветановски, политиколог.

Станува збор за книга која дава систематски поглед врз односот на системот и поединецот и трансферот на моќ.

– Во Македонија сè уште политичкото владее над економското, иако економското е помоќно и треба во иднина економските фактори да имаат поголема улога за да можат политичките да делуваат малку поразумно, да слушаат и други и да го следат интересот на бизнисот за да може развојот да дојде до израз. Во книгата „Структурата на моќта во Битола“ беа анализирани околу 40 претставници на економско-политичката елита од кој дел од нив успеав да ги интервјуирам. Доволна бројка за да можам да извлекувам одредени заклучоци врз основа на кои произлезе и самата книга. Во книгата е обработена теоријата за моќта во светот од современите автори и резултатот од интервјуата што ги водев, како и заклучокот дека во нашата држава сè уште политичкото владее над економското иако економското е помоќно и дека треба во иднина да имаат поголема и провидна улога економските фактори за да можат политичките да делуваат малку поразумно и да го следат интересот на бизнисот за да може развојот да дојде до израз-вели Цветановски.

Авторот се обиде да направи истражување за моќните поединци во Битола, кои во периодот 2011-2014 година оставиле свој печат и обележје во стопанскиот и политичкиот живот во градот.

– Го истражував периодот 2011-2014 година, и морав да го ставам во некаква рамка бидејќи е многу тешко ако не пишувате историја, туку пишувате нешто друго да направите широк опфат.

Во книгата, тројца интервјуирани имаат став дека преку политичка партија успехот и пропаѓањето се молскавични, па оттука и многу ризични. Партијата кога е на власт, во првите четири години те прави „цар“, ама потоа те претвора во „измеќар“ … каде и да се приклониш, премногу брзо се расипува „љубовта“. Ако си член на партија, можеш да ја доживееш судбината на квасецот-брзо да порасне, ама и набрзо потоа да се истроши. Повеќето од интервјуираните личности сметаат дека политиката не треба да се меша со бизнисот, дека им е најважна нивната работа, дека приватниот бизнис и политиката не одат заедно, и дека мешањето на тие две работи може да има негативни ефекти во работењето, а еден е дури и категоричен: „Не сакам да се мешам, ниту да ми се мешаат во работењето“-вели авторот д-р Пеце Цветановски.

Тој пишувајќи за искуството во другите земји, како пример го зема познатиот социолог од Соединетите Американски Држави Флојд Хантер којшто на некој начин е првиот што направи истражување во 1956 година во Атланта и тоа на Цветановски му беше пример за компарација.

– Разликата е што економските моќници во Америка доминираат, тие ги влечат сите потези, тие ја усогласуваат целата работа, а политичарите само ја реализираат. Кај нас политичките партии сè уште се зависни од влијанието на централите во Скопје и многу е симптоматично колку се тие ефикасни ако немаат притисок од централата и дали работат по сопствено убедување или по директива на центарот на партијата, што најчесто се наоѓа во Скопје-вели авторот на книгата „Структурата на моќта во Битола“ политикологот Пеце Цветановски и додава дека некои од моќниците во Битола се сменети, но, се чини дека оние коишто располагаат со економска моќ, таа моќ ја имаат во секој период и можат да дејствуваат.

Васка М. Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*