Хрватската европратеничка Маријана Петир директно ја обвини Европската унија за сегашната политичко-безбедносна ситуација во Република Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел на синоќешната расправа за Македонија во Европскиот парламент, политичарката од Хрватска го посочи прстот кон официјален Брисел за она што се случува со македонската држава.
– Стабилноста во Македонија е важна за стабилноста на целиот регион и за целата Европска унија. Македонија не смее повеќе да биде во чекалница, како поради македонскиот народ, така и поради кредибилитетот на Европската унија, рече хрватскиот член на Европскиот парламент Петир на пленарната седница на Европарламентот за состојбите во Република Македонија.
Изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите од страна на македонската полиција, што според Петир беа брутално убиени во терористички напад во Куманово, Хрватката предупреди дека, според нејзиното мислење, овој чин на вандализам немаше да се случи ако патот на Македонија кон НАТО не беше запрен. Со тоа, според неа, Македонија е оставена во чекалницата.
Критикувајќи ја Европската унија и пред сè Европскиот совет, кој ги блокираше преговорите со Македонија, хрватската европратеничка истакна:
– Виновникот за драматичната ситуација во Македонија најпрво треба да се бараат во засолништето на Европската унија, особено на Советот кој и покрај сите Резолуции на Европскиот парламент сè уште става пречки на Македонија за отворање на преговорите, рече Петир.
Образложувајќи дека Македонија во декември 2005 година доби статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, а во октомври 2009 година Европската комисија даде прва препорака за отворање на пристапните преговори, што ја повтори уште петпати досега, хрватската европратеничка потенцираше дека процесот е запрен поради спорот за името со Грција, иако, како што напомена, Македонија во текот на годините ги исполни сите потребни услови, а и земјата бележи најголем економски раст во регионот.
– Македонија ги исполни сите потребни услови и заслужува да и се отворат пристапните преговори, истакна Петир и побара билатералниот проблем со името да почне да се решава во рамките на преговорите според моделот кој Хрватска и Словенија го користеа за решавање на билатералното прашање и кој се покажа како успешен.