Во Македонија продолжува политиката која сите овие години ја практикуваат македонските политичари – да бидат единствено доследни во својата недоследност. И покрај цврстите ветувања на владејачките партии, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, по одложувањето на изборите на 24 април, дека на 5 јуни, во Македонија сигурно ќе се случат предвремени парламентарни избори, сепак до нив нема да дојде.
Наспроти сите убедувања и тврдења, сепак, Собранието на Македонија преку ноќ ја смена одлуката и одлучи да ги одложи предвремените парламентарни избори. Тоа што претседателот на Собрани-ето, Трајко Велјановски, тврдеше дека нема уставна можност тој да го свика веќе распуштениот парламент, сепак, преку ноќ, истиот Трајко Велјановски, откако претходно Уставниот суд му ја даде таквата можност, одржа седница на која пратениците ја поништија својата одлука за распуштање на Парламентот и донесоа нова одлука, со која се поништи одлуката зо одржување на предвремените парламентарни избори на 5 јуни.
Но, и покрај секојдневните протести на опозицијата и незадоволните граѓани собрани околу граѓанското здружение “Протестирам“, сепак Собранието на Република Македонија на седницата не донесе одлука кога би се одржале предвремените парламентарни избори.
Од утврдување на нов датум на изборите овој пат се откажа и опозицијата, која не присуствуваше на седницата на Парламентот, а која во неколку наврати излезе во јавноста со тврдење дека на 5 јуни нема да има нови предвремени парламентарни избори, а што се однесува до новиот датум на изборите, остави можност тие да се одржат наесен, или пак заедно со локалните избори во април 2017 година.
Со поништувањето на одлуката за одржување предвремени парламентарни избори, практично, во Македонија се стави точка на сите тврдења и шпекулации, околу датумот за одржување на предв-ремените парламентарни избори. Иако и овој пат, како и претходно кога беа закажани предвремените избори, изборите се одложени со гласот на пратениците, сепак изборите повторно ни ги одложија, тие што ни ги закажаа во Пржино, странските посредници и дипломати.
По “шатл дипломатијата“ што ја направија странските емисари Хајднел од Германија, Дејвидсон од САД како и други странски “шатл дипломати“, македонските пратеници, без да ја почитуваат волјата на граѓаните, ги одложија предвремените избори за некои подобри времиња.
Тоа е само уште една потврда, која навистина доста фрустира, дека подолго време, откако државата се наоѓа во сериозна политичка криза, домашната и надворешната политика на Македонија ја креираат странски посредници, која нашите политичари само ја аминуваат.
Во изминатите денови бевме сведоци уште на една одлука, која во голема мера само го потврдува врежаното чувство за таквата наша поданичка и пишман-аџиска политика.
Имено, иако по измените на Уставот во однос на Законот за аболиција тврдеше дека во никој случај тој нема да дозволи да ги аболира и амнестира криминалците или педофилите, луѓе кои се огрешиле со законот, претседателот на државата Ѓорге Иванов, неколку дена подоцна го донесе контраверзниот закон за аболиција.
Таквата негова одлука беше само долевање бензин на огнот што тој го запали и го предизвика незадоволството кај граѓаните.
На сите убедувања Иванов да ја смени таквата негова непромислена одлука за аболиција, тој излегуваше во јавноста со тврдење дека истата ја донел воден исклучиво од државните интереси, бидејќи опозицијата и СЈО, помогнати од некои странски земји, сакале да ја дестабилизираат др-жавата.
Подоцна, кога ултиматумот кон него токму на тие странски држави беше засилен, пре-тседателот Георги Иванов, повторно повикувајќи се на државниот интерес, ја поништи одлуката за аболиција на политичарите, со што му го отвори патот на специјалните јавни обвинителки да ги расчистат сите тврдења за наводниот криминал кој призлегува од прислушкуваните разговори.
Така и претседателот Георге Иванов, кој е избран да се грижи за почитување на Уставот и законите, како и за безбедноста на државата, не издржа многу и со својата пишман политика ја смени одлуката кој претходно тој самиот ја донел и зад која толку многу цврсто стоеше.
Со донесувањето на неговата нова одлука се потврди тоа што сите го тврдеа, дека само прашање е на денот кога претседателот Горге Иванов ќе ја смени одлуката за аболиција и ќе ја поништи. Како и спикерот Трајко Велјановски, така и Ѓорге Иванов не го издржаа притисокот на меѓународната заедница за смена на нивните одлуки.
Списокот на тие кои во изминатите денови целосно ги сменија своите одлуки се заклучува и со судиите на Уставниот суд на Македонија, кои си поплукаа на претходно донесената одлука и за само неколку дена ја сменија одлуката и најдоа законска можност (само)распуштениот парламент повторно да се врати во собраниските клупи и да донесе одлука за поништување на одлуката за распишување на изборите.
Ваквите одлуки на кои беа сведоци граѓаните во изминатите денови е само уште една потврда, дека кај нас македонските политичари немаат свој цврст став и дека одлуките ги носат или менуваат во зависност од дневнополитичките случувања во државата.
Таквата пишман-аџиска политика сите овие години скапо не чини.
Тоа што особено загрижува е што истата таква политика се носи во име и за име на народот, кој во ниту еден момент ниту е консултиран ниту пак прашан.
А народот пак во зависност од тоа што ќе им соопштат лидерите на партиите истите тие одлуки безрезервно ги прифаќа.
Автор:Менде Младеновски