Home / Вести / Почина кралот на фудбалот Марадона

Почина кралот на фудбалот Марадона

Светот остана без една од најголемите фудбалски икони, Диего Армандо Марадона кој во својата Аргентина имаше статус на Бог, тој почина денеска на 60-годишна возраст од срцев удар. 

Диего Марадона важеше за еден од најголемите фудбалери на сите времиња, а за Аргентинците беше многу повеќе од фудбалски играч. Марадона својата професионална кариера ја почна на 16 годишна возраст во Аргентинос Јуниорс, и уште по неговото прво стапнување на теренот беше посочуван како играч кој ќе биде еден од најдобрите во светот. Потоа замина во Бока Јуниорс, а од таму се пресели во Европа, најпрво го облече дресот на Барселона, па со Наполи ги испиша најзначајните денови од фудбалската историја на овој клуб, по што одигра уште една сезона во Шпанија, во дресот на Севиља и се врати во родната Аргентина. Таму играше за Њуелс Олд Бојс, а кариерата ја заврши во Бока Јуниорс во 1997 година. Во 1986 година Диего Марадона како капитен ја однесе Аргентина до титулата Светски шампион во Мексико кога во финалето ја победија селекцијата на Западна Германија со 3-2. Но најлегендарниот меч на тој турнир кој е и еден од најголемите на сите Светски првенства е четвртфиналето против Англија кое Аргентина го доби со 2-1. Двата погодоци ги постигна Марадона, првиот го даде со рака, тој гол подоцна беше наречен „Божјата рака на Марадона“, вториот погодок беше кога издрибла повеќе фудбалери на противникот и ја смести топката во мрежата, тој гол беше прогласен за „Гол на векот“. И на следното Светско првенство Марадона ја предводеше Аргентина до финалето, но тогаш беа поразени од Западна Германија. По завршувањето на фудбалската кариера, Марадона работеше како тренер, беше и селектор на Аргентина. Во тренерската работа не беше успешен како во фудбалерските денови, но тоа го работеше до неговата смрт. Животот на Марадона беше полн и со контроверзни моменти, од средината на осумдесетите години па до 2004 година тој беше зависник од кокаин. Призна дека почнал да се дрогира од 1983 година во Барселона, по самото негово пристигнување во Европа. По завршувањето на кариерата повеќе пати завршуваше во болница поради здравствени проблеми, во еден период неговата тежина достигна и до 130 килограми. Колку беше голем во Аргентина зборува фактот што има црква која се вика Марадониана, таа се води како посебна религија создадена од фанови на Марадона за кои тој е нивниот Бог. Тој денеска почина на 60-годишна возраст од срцев удар, но за Аргентинците вечно ќе биде жив. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*