За православните христијани денеска е Велики петок, кој уште го нарекуваат и Распет петок зашто на тој ден е распнат Исус Христос. Овој ден се смета за најтежок празник во христијанската религија. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, во знак на таговно сеќавање на настаните од она време.
На овој ден во сите храмови ќе се изнесе на поколение плаштеницата (покровот) што го симболизира симнувањето од крстот на телото Господово. Велики петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии и принесување на таканаречената бескрвна жртва, се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.
Според преданието, Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале“. Оттогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона/клепала, а камбаните не ѕвонат до недела, кога првпат ќе ја огласат радоста на Христовото воскресение.