Во рамките на Европската недела на мали и средни претпријатија 2017, Младинскиот културен центар од Битола во соработка со Европската бизнис асоцијација организираше конференција за европската недела на претприемништво, насловена „Поддршка на претприемништвото и малите бизниси“.
На конференцијата беа презентирани позитивни искуства во областа на развојот на малите бизниси и поттикнувањето на претприемачкиот дух, но беше нагласено, дека во понатамошната работа неопходно е да се врши стимулација и охрабрување на младите луѓе, со цел нивните бизнис идеи да добијат можност за реализација и да дадат конкретни резултати во поглед на намалувањето на невработеноста.
„Претприемништвото е иднина на секоја економија во развој и колку побрзо тоа го сфатат младите луѓе, толку побрзо Македонија ќе може да се развива со вистински чекори напред. Македонија е држава со најголема младинска невработеност во Европа и токму ваквите настани треба да претставуваат поттик младите луѓе да се охрабрат и да останат во сопствената држава, да отворат свој бизнис кој подоцна ќе го развиваат и ќе вработуваат нови млади луѓе, рече Сашо Додовски, директор на МКЦ-Битола на вчерашната конференција. Покрај добрата бизнис идеја, потребна е одлучност и храброст кои со истрајност, знаење и инвентивност ќе донесат успех, беше нагласено на конференцијата. „Препреките се општо познати, отежнат пристап до финансии, бирократски пречки итн, но сето тоа е надминливо и не е нерешливо доколку некој одлучи да отпочне свој бизнис. Работите одат во подобар правец но, треба да се најде начин како тоа да го поддржиме и да го засилиме, рече Димитар Ристовски, извршен директор на Ервопска бизнис асоцијација.
Токму во оваа насока, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, ја нагласи понатамошната ориентираност на локалната самоуправа кон преиспитување на одредени мерки кои ќе бидат преземени во идниот период со цел понатамошен развој и создавање на позитивна бизнис клима. Една од таквите мерки е секако неопходното воспоставување соработка помеѓу образованието и бизнис секторот. Градоначалничката низ конкретни средби со претставници од образовниот систем веќе започна со разгледување на можноста за понатамошно конкретно делување во оваа насока:
„Локалната самоуправа е таа која што треба генерално на бизнис секторот да му овозможи пријатна атмосфера за развој, што би претставувало мотив дека навистина постои перспектива, доколку имате волја и верба во тоа. Локалната самоуправа, како што ветивме во програмата, ќе преиспита низа аспекти, сето она што е во духот на негување на тој инстикт за будење на претприемништвото кај младите луѓе“, рече градоначалничката Наташа Петровска, на вчерашната конференција.