Сегашната слика од поплавите во Пелагонија по многу потсетува на поплавите од 1961 година, кога Пелагонија буквално беше под вода и кога од големите водени бранови паднаа мостовите кај селата Брод и Скочивир.
Пелагонија деновиве, особено во атарот на Новаци, Кременица, Гнеотино, до Егри, наликува на едно големо езеро.
Околу 2.000 хектари земјоделска површина, посеани со пченица и јачмен се речиси наполно уништени, а под вода се наоѓаат и огромни површини посеани со пченка и маслодајна репица, кои останаа необрани и доколку во наредните неколку дена не се подобрат временските (не)прилики ќе останат уништени на полињата, а истите површини според лидерот на Сојузот на земјоделците на Македонија Вељо Тантаров, ќе мораат да се преораат и да се посеат со нови култури.
Од последните врнежи на дожд и поплавите во Пелагониското поле, најмногу настрадаа површините на Земјоделскиот комбинат Пелагонија.
Од вкупно 2.000 хектари поплавени површини речиси 1.700 ха.се на Комбинатот Пелагонија, а останатите 300 хектари се на индивидуални земјоделци.
Од поплавите што ја зфатија Пелагонија најмногу настрадаа површините кај селата Гнеотино, Кременица, Егри, а доста штета има(ше) кај селата Кравари, Поешево, Оптичари, кои се главно површини на индивидуалните земјоделци.
Овие површини беа поплавени од водите на Петтиот канал, но и другите канали од секундарната мрежа, кои се излеаја од коритото и поради големите води, а и нивната слаба пропустливост едноставно не можеа да ги носат водите во реката Црна.
Во општината Новаци прават се да ги спречат поплавите и да ги намалат штетите. Веднаш по појавата на првите поплави формиран е кризен штаб кој заседава деноноќно.
-Состојбата е навистина загрижувачка. Над 1.000 хектари од Новачкото поле се под вода. Најалармантна е состојбата во Брод Гнеотино, Агларци, Далбеговци. Едно што е добро во моментот е тоа што во изминатите денови со насипите кои ги подигнавме успеавме да ги заштитиме од поплави населените места, кои не се загрозени. За штетите во овој момент не размислуваме. Тие ќе ги утврдуваме откако ќе се повлечат водите. Но како што стојат работите тие по се изгледа ќе бидат големи. Покрај земјоделските површини од поројните дождови настрада и патот Брод- Гнеотино, во должина од 1,5 километар кој го изградивме минатата година. Тој е доста оштетен на неколку места, вели градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски.
Б.В.