-Илинден 1903 беше дело на целиот македонски народ, а негова круна е АСНОМ 1944 год. Илинден е духовна ризница со безвременска вредност. За нас Македонците, Илинден е колективна меморија за македонските успеси во минатото и порака за иднината. Илинден е доказ како македонскиот народ може успешно да ги победи заговорите против себе, дека може да воскресне како феникс и да обезбеди иднина, спротивна на желбите на душманите. Со крвта на македонскиот народ на Илинден ја втемеливме македонската држава.
Со овие зборови првиот човек на Матицата на иселениците, Иван Џо Петревски ги поздрави неколкуте илјади присутни на јубилејната, 45 -та по ред Светска семакедонска Илинденска средба, која се одржа во дворот на црквата “Пресвета Богородица” во битолското потпелистерско село Трново.
Ниту топлото време, ниту прекинот на електричната енергија која ја пролонгира свеченоста за речиси еден час, не ги предомисли неколкуте илјади присутни да ги сослушаат пораките на бројните говорници на средбата.
На Светската семакедонска Илинденска средба, која се одржа под покрвителство на локалната самоуправа на Битола, говорниците побараа Македонците, без разлика на вера и политичка припадност да се обединат околу зачувувањето на темелните вредности на државата, нејзиното уставно име и идентитетот на македонската нација.
-Ние Македонците засекогаш треба да запамтиме дека само Македонија е нашиот единствен заеднички именител и содржател, рече Петров, кој не ја пропушти приликата уште еднаш како и во бројни други прилики од Трново да побара безусловен прекин на преговорите околу името на Република Македонија.
На средбата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски нагласи дека Македонија не е ослободена, или пак изградена од страв, туку од сопствени сили, залагања, сопствен труд и сопствени жртви и силен стремеж за слобода.
-Ние Македонците сме ги остварувале целите не затоа што сме биле нерационални, туку затоа што сме имале мудрост, трезвеност, способност за да се процени, да се донесат најдобрите одлуки во вистинскиот момент, ама и храброст и решителност во одлучувачките моменти да се почуствува моментот и да се тргни кон целта, рече Груевски, кој осврнувајќи се на политичката криза во државата нагласи:
– Македонскиот народ едвај чека да добие шанса, да се произнесе за се она што го гледа во изминатиот период, да го даде својот глас, да излезе на слободни, фер и демократски избори и да каже дека граѓаните на Македонија се господари на ова парче македонска земја, дека тука живее народ кој знае што сака, но и знае што прави и кој знае да носи мудри одлуки.
Од средбата беше упатена заедничка порака до меѓународната зедница дека без Македонија и Македонците нема мир и стабилност на Балканот и Европа.
Автор: Менде Младеновски
Фотографија: С. Ристевски