Home / Вести / Постои силна поддршка за одржување на првата меѓувладина конференција

Постои силна поддршка за одржување на првата меѓувладина конференција

Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска оствари средба и со потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел по што двајцата соговорници дадоа изјави.

„Дозволете ми да нагласам многу јасно дека нема поддршка за раздвојување ниту во институциите на ЕУ, ниту меѓу земјите-членки. Северна Македонија ги исполни потребните услови за започнување на пристапните преговори и слично како и Албанија заслужува да продолжи во следната фаза од процесите без одложувања“, порача Борел, при што истакна поддршка и за посветеноста на Република Северна Македонија кон европскиот пат.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во изјавата по средбата со Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел, изрази задоволство од работната посета на Брисел и истакна дека тој и делегацијата имаа јасна мисија овие денови во Брисел – да ја пренесат пораката од македонските граѓани до официјалните претставници на ЕУ дека работевме напорно, испорачавме и дека сакаме да и го дадеме нашиот фер-удел на иднината на Европа.

„Ние дишеме, живееме и растеме со европските идеи и вредности! И знаеме дека нема друг начин освен европскиот. Ние сме посветени на нашите заеднички вредности и на спроведувањето на стандардите и критериумите на ЕУ. И, ние не сакаме да стоиме и да чекаме повеќе. Ние сакаме да се движиме затоа што движењето напред е европски начин. Ние сме за мобилност, а не за sидови“, порача премиерот Заев по средбата со високиот претставник на ЕУ, Борел.

Притоа, премиерот Заев порача дека „ние не бараме повеќе од она што заслужуваме, а тоа е да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно поскоро“, што како што оцени Заев беше признаено како заслужено и потврдено од март 2020 година и Северна Македонија ги исполни своите обврски и сега е време ЕУ да ги испорача, порача премиерот Заев.

„Можеме ли да зборуваме за Западен Балкан без Северна Македонија? Можеме ли да зборуваме за Европа без Западен Балкан? Не! Се боревме многу во последните децении и во минатиот век со цел да го најдеме патот кон мирот и толеранцијата. И сега сите сме подготвени да се интегрираме, да сонуваме заедно и да постигнуваме заедно“, рече премиерот Заев во изјавата по средбата со Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на ЕК, Борел.

Премиерот Заев подвлече дека позитивен чекор напред за Република Северна Македонија, е порака за охрабрување и за целиот регион и повлекувањето, за Северна Македонија ќе биде порака за обесхрабрување за целиот Западен Балкан.

„Јас го знам ова и европските лидери го знаат ова. Ајде заедно да постапиме европски и да одиме според европскиот пат“, рече претседателот на Владата Заев за време на заедничката изјава со Борел, по нивната средба.

Високиот ЕУ претставник за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел упатувајќи добредојде на премиерот Заев, порача дека по вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ за важноста на Западен Балкан и за континуираната дури и зајакната посветеност на овој регион, била потврдена европската перспектива на целиот регион.

Тој подвлече дека постои многу силна поддршка за одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија што е можно поскоро.

Притоа Борел, истакна дека нашата земја на тој пат, може да смета на поддршката од европските институции исто како и во однос на поддршката за обезбедување на вакцини за граѓаните на Северна Македонија, при што како што нагласи Борел, првата пратка од вкупно наменети 120.000 вакцини финансирани од Европската Унија веќе пристигнаа во нашата земја.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*