Don't Miss
Home / Политика / Пратениците од опозицијата без мандати и без плати!?

Пратениците од опозицијата без мандати и без плати!?

Во понеделникот, на 10 ноември, изминаа точно 6 месеци откако опозицијата го бојкотира Собранието на Република Македонија. Цели шест месеци највисокиот законодавен дом работи без пратениците на опозицијата, кои за овој период иако бојкотираа, сепак редовно земаа плата.

Тоа што во меѓувреме три пратенички од опозицискиот блок седнаа во пратеничките клупи: Солза Грчева, Љубица Буралиева и Роза Топузовска- Каревска е слаба утеха за власта дека ја убедила опозицијата да се врати во Парламентот. Половина година 31 столче во Парламентот стојат се уште празни, бидејќи пратениците на опозицискиот блок “Сојуз за Македонија” поднесоа оставки иако им беа верификувани пратеничките мандати.

Сега, кога во понеделникот, изминаа точно шест месеци, колку што еден пратеник може да отсуствува (не)оправдано од Парламентот, без да му се одземе мандатот, останува да се види како ќе се одвиваат натаму работите. Ако им се верува на изјавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев искажани на трибината во Битола, речиси е сигурно дека пратениците на опозицијата немаат намера да се вратат во Парламентот и дека бојкотот ќе продолжи се додека власта не седне со опозицијата на преговарачка маса и додека не се исполнат петте барања на опозицијата.

Во таков случај на спикерот на Парламентот, Трајко Вељановски не му преостанува ништо друго, туку да ги констатира оставките и преку мандатно-имунитетната комисија да започне постапка за одземање на мандатите и целиот случај да и го префрли на Државата изборна комисија, која треба да одлучи како ќе постапува натаму и слободните пратенички места да им ги понуди на следните од листите на кандидатите за пратеници.
Спикерот Вељановски веќе им даде еден рок на пратениците на опозицијата да се вратат во Парламентот. Тој на 20 септември ги повика пратениците да се вратат во Собранието до 8 октомври, односно до објавувањето на Извештајот за напредокот на Македонија од Европската комисија, или ќе им ги активира оставките.

Но од тој рок измина повеќе од еден месец и ништо не се случи.

СДСМ во бројни изјави, преку своите пратеници и преку лидерот Зоран Заев, му одговори дека не мора да дава никакви рокови, туку може веднаш да ги активира оставките. Опозицијата засега и натаму опстојува на ставот дека без прифаќање на петте услови и формирањето техничка влада, која би спровела нови избори, нема намера да се врати во Парламентот. Во таква ситуација мислењето за натамошните потези на власта и опозицијата се поделени. Додека едни сметаат дека веќе е крајно време да им се одземат мандатите на опозицијата, други сметаат дека власта се уште ќе калкулира и ќе им го продолжи мандатот, зашто во меѓувреме во СДСМ ќе следуваат внатрешни поделби, не само во членството, туку и меѓу пратениците, но како ќе се одвиваат работите во овој момент не знае најдобро ни лидерот Зоран Заев.

Најавите дека во моментот најмалку десетина пратеници размислуваат да седнат во пратеничките клупи, засега никој не може ни да ги потврди, ни да ги демантира. Но, како што рече Заев на трибината во Битола, и по цена сите пратеници да се вратат во Парламентот, опозицијата ќе продолжи со бојкотот на законодавниот дом.  Инаку, според процедурата, откако ќе се констатираат ос-тавките на избраните пратеници, нивните места ќе се понудат на следните на листите, а ако се исцрпат целите листи, ќе следуваат дополнителни избори за преостанатите места.

Што ќе се случи од сето тоа ќе се знае во наредните неколку дена, а можеби и пред излегувањето на овој број од печат.

Б.В.

 

Текстот е објавен во најновото  печатено издание на Битолски весник

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*