Во рамките на главната програма на 38.издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”, денеска во големата сала на Центарот за култура – Битола, премиерно ќе биде прикажан македонскиот филм „Кога денот немаше име”, во режија на Теона Митевска. Кинематограферка на овој филм е познатата Ањес Годар, сценариото на „Кога денот немаше име” е на Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска, продуцент е Лабина Митевска.
Улогите во овој филм ги толкуваат Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов, потоа Ратка Радмановиќ, Николина Кујача, Ана Костовска и Лабина Митевска, за првпат се појавуваат и Петрунија Киселички и Инес Ходич.
Филмот „Кога денот немаше име” е македонски мнозински проект, кој е реализиран во продукција на „Сестри и брат Митевски”, со копродуцентите „Вертиго” од Словенија и „Ентре Шиен е Луп” од Белгија, при што поддршката од страна на Агенцијата за филм на Македонија изнесува 30.000.000 денари, а покрај тоа, филмот е финансиран и од страна на Еуримаж.
Овој филм светската премиера ја имаше во програмата „Панорама Специјал” на Берлинскиот филмски фестивал.
Филмот “Кога денот немаше име” ја раскажува приказната за шест тинејџери. Милан и неговиот најдобар пријател Петар, кои подготвуваат авантуристичка екскурзија со своите другари некаде на периферијата на Скопје. Тие се типични тинејџери, полни со сексуални и романтични тензии и возбуда, вознемирени и оптоварени со пари и материјални нешта. Понекогаш се ѓаволести, понекогаш и ангелски; гладни за да бидат возрасни, а сепак со детско однесување. Во дисфункционални односи со своите родители, во семејства нарушени од транзициските маки, тие се генерација која расте растргната од социјална несигурност и сомнителни вредности. Нивната ноќ на луда забава е одбележана со несреќна посета на тинејџерка-проститутка и целосно е превртена со ненадеен конфликт”, стои во најaвата на фестивалот за филмот.
М.М.