Don't Miss
Home / Вести / Премиерот Заев на промоцијата на ТОП 100

Премиерот Заев на промоцијата на ТОП 100

Изборот на најуспешни компании е признание за нивната успешна работа, мотив за понатамошни остварувања, но исто така и признание за нивната општествена улога. Оваа манифестација е силен поттик за претпријатијата кои оствариле најдобри резултати во претходната година, да продолжат во создавање на култура на деловна мотивираност и промовирање на здрава конкурентност. Сето тоа влијае на подобрување на продуктивноста, зголемување на бројот на вработените, како и севкупен економски раст“, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во своето обраќање на промоцијата на ТОП 100 најуспешни компании на Стопанската комора на северо-западна Македонија упатувајќи честитки за јубилејот 15 години постоење на комората и 10 годишнината од најголемиот ТОП 100 настан.

На традиционалната манифестација беа доделени и награди за ТОП 5 најуспешните компании за минатата година од повеќе сектори кои оствариле најдобри резултати.

Премиерот Заев ги охрабри стопанствениците да продолжат со плановите за инвестициски циклуси и вложување во човечкиот капитал со цел заеднички да се прилагодуваме на новите и современи економски текови за успешно надминување на предизвиците од глобалната пандемија.

„Приватниот сектор има важна улога во создавањето работни места и приходи за граѓаните, дополнително и преку постојаните иновации што носат нови производи и услуги на пазарот, а со тоа и додадена вредност.

Владата посветено работи на создавање амбиент за развој на приватниот сектор. Во соработка со коморите и сите релевантни засегнати страни донесовме четири пакет-мерки со севкупна вредност од над 1,2 милијарди евра за ублажување на ефектите од КОВИД-19. Паралелно работиме на економско планирање за подобрување на состојбите на среден и на долг рок.

„Секој инвеститор сака стабилно деловно опкружување и предвидлив деловен амбиент и како Влада се стремиме тоа и да го овозможиме. Со влезот во НАТО и со примената на стандардите на ЕУ, кои треба да станат наши, домашни стандарди, обезбедуваме сигурност на инвестициите преку механизми за владеење на правото, за намалување на сивата економија, на парафискалните давачки и со борбата против корупцијата“, подвлече Заев.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, истакна дека заедно со коморите продолжува соработката за заштита на економијата и економското закрепнување, кое ќе гарантира поголем забрзан економски раст.

„Нашата амбиција во владината програма и мојата задача како министер за финансии во соработка со вас, а и во мандатното писмо, беше да го удвоиме економскиот раст од 2 на 2,5% во последните 10 години за да биде над 4-5% во наредниот период.

Затоа, проекциите во Буџетот од 2021 година со 5-годишна рамка се дека следната година да бележиме раст од 4,1% на БДП, да продолжиме во 2022 година со 4,6% и во 2025 година да достигне 5,9% на растот, преку стратегија за економско закрепнување и забрзан раст SmarterGrowth“, истакна Бесими.

На промоцијата присуствуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за економија Крешник Бектеши, претседатели на коморите, како и членови на одборот на Стопанската комора на северо-западна Македонија.

Согласно податоците на Стопанската комора на северо-западна Македонија, во 2018 година, годишниот обрт на ТОП 100 најуспешни компании е речиси 750 милиони евра, додека во 2019 година тој износ е еднаков на околу 900 милиони евра. Во 2018 година реализираната нето – добивка на најуспешните 100 компании беше 56,5 милиони евра, а според податоците за 2019 година, нето – добивката на најуспешните 100 компании, достигна близу 70 милиони евра.

Она што е посебно значаен податок е што расте и бројот на вработени. Во 2018 година бројот на вработени во ТОП 100 најуспешни компании беше 8.693, а заклучно со 2019 година, најуспешните 100 компании вработуваат околу 9.000 лица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*