Home / Вести / Преставен третиот пакет сет мерки на Владата

Преставен третиот пакет сет мерки на Владата

Платежни картички со по 9000 денари, ваучери за летување, викенд без ДДВ, државна гаранција за кредити на компаниите. Ова се дел од третиот пакет економски мерки што ги објави Владата, а кои треба да ја стимулираат потрошувачката и да ја рестартираат македонската економија.

Платежни картички во вредност од 9 000 денари, според најавата на Владата, ќе можат да добијат околу 100 000 граѓани, невработени лица, баратели на работа кои немаат месечни примања над 15 000 денари. Парите ќе треба да се потрошат за 30 дена за купување на производи и услуги од домашни компании. Тоа значи дека со нив ќе може да се плаќа на фризер, во кафеана или во продавница.

Владата ќе дава и ваучери за да го стимулира домашниот туризам, кој е меѓу најпогодените од здравствената криза.

„Околу 100 000 граѓани ќе може да добијат и ваучери за домашен туризам во вредност од 6 000 денари и платежна картичка од 3 000 денари. Ваучерот ќе може да се користи во домашни хотели и други сместувачки капацитети, а платежната картичка за домашни производи и услуги. Со ова се опфатени сите вработени кои примаат нето плата помала од 15 000 денари и немаат други приходи според годишната даночна пријава во УЈП“, рече Спасовски.

Во сетот мерки има и платежни картички и ваучери за младите. По 6 000 денари за покривање на партиципацијата на факултетите или за сместување во студентските и ученичките домови. Платежна картичка од 3 000 денари за купување на домашни производи. Но и ваучер од 30 000 денари за обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини.

Спасовски најави и викенд за купување без ДДВ, но и паричен надоместок за лицата кои останале без работа.

„Поттикнуваме потрошувачка и раст на приходите во одредени сектори како продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Очекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство. Паричен надоместок за сите кои останале без работа во периодот од 11 март до 30 април 2020 година“. – изјави Спасовски.

Здравствените работници кои се борат со ковид-19 ќе добијат 20 проценти повисока плата за два месеца.

За компаниите се нуди државна гаранција за кредити и бескаматни кредити за компании водени од жени или кои вработуваат млади.

За помош на земјоделците ќе се издвојат 76,1 милиони евра.

Вредноста на овој пакет економски мерки изнесува 355 милиони евра и со него, според проценките на Владата, ќе бидат опфатени 730.000 корисници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*