ЕЛЕМ започнува со преземање на мерки кои во иднина ќе го намалат загадувањето на животната средина, а на компанијата ќе и ја донесат долгоочекуваната А- интегрирана еколошка дозвола.
Денес во РЕК Битола се одржа презентација на проект за десулфуризација од страна на експерти од кинеската компанија „ЈЕТ инц”.
Денешната презентација е дел од заложбите на ЕЛЕМ за трајно решавање на проблемот со загадувањето преку десулфуризација, процес кој значи третирање на издувните гасови со аномијак од што како нус производ излегува вештачкото ѓубриво кое што може да се употребува со земјоделието и да се пласира на пазарот за таа намена, велат од ЕЛЕМ.
Од таму додаваат дека раководството на компанијата во следниот период ќе организира и други вакви презентации од други странски компании кои работат на полето за намалување на загадувањето преку претворање на отпадот во употреблив производ.
Со оглед на тоа што станува збор за обемен проект, додаваат од ЕЛЕМ, кој е и значајна финансиска инвестиција, потребно е планот да се спроведува етапно и со добра подготовка, но менаџментот на компанијата и политиката на Владата во овој дел е да се обезбеди производство на електрична енергија со максимално почитуваање на законските одредби и максимално заштита на животната средина, велат од Електрани на Македонија.
На презентацијата присуствуваше менаџментот на ЕЛЕМ, раководителите од РЕК, пратеници, претставници на локалната самоуправа и невладини здруженија.
Пратеникот Васко Ковачевски вели дека во следниот период новата Влада заедно со менаџментот на ЕЛЕМ ќе преземат чекори за десулфуризација на РЕК и за примена на други постапки кои на комбинатот до 2023 година ќе му ја обезбедат А интергираната еколошка дозвола.
Од ЕЛЕМ велат дека бил поканет и пратеникот Зоран Илиоски, но не се појавил на оваа средба.
Здружението „За нас се работи” соопшти дека покрај сите непријатности и катастрофални последици кои ги трпат жителите на Пелагонискиот регион, барем малку радува фактот што сегашното раководство на ЕЛЕМ е отворено за секаква соработка и максимално транспаретно и дека очекуваат од новата локална власт уште на првата работна седница на Советот на општината да почне со имплементација на најитните мерки против загадувањето.