Општина Битола го претстави идејното решение за новиот лик на фудбалскиот стадион „Под Тумбе Кафе“.
Од секторот за односи со јавност информираат дека основната форма на новиот објект „Фудбалски стадион за 12.000 гледачи“ е арена, а северната трибина на која што се одвиваат градежните активности во моментот ќе биде со капацитет од 4.764 гледачи.
– Трибината ќе се полни низ седум излези на трибини, односно седум сектори кои се поврзани помеѓу себе со внатрешен ходник. Трибината е организирана во 21 ред со 4.618 места за посетители, 146 места за почесни гости, 12 кабини за новинари и кабини за коментатори. Подтрибинскиот простор на северната трибина е распределен на три нивоа, додека четвртото ниво е над самите трибини, односно претставува дел од трибинскиот простор, бидејќи се наоѓа во негово продолжение. Типот и организацијата на просториите е во согласност со пропозициите на УЕФА и нашите програмски барања како инвеститорот, информираат од општина Битола.
По завршување на изградбата на северната трибина и реконструкцијата на јужната, ќе се пристапи на реализација на останатите фази од проектот, односно изградба на западната и источната трибина на кои ќе има место за по 1.234 гледачи.
Изведувач на градежните работи е ГП Гранит, а вредноста на оваа фаза од реализацијата изнесува над 5 милиони евра и истата ќе биде реализирана за помалку од две години.