Водоснабдувањето е нормализирано и сообраќајот од утрово се одвива непречено по Булеварот Први мај во Битола каде што вчера пукање на азбестна цевка предизвика вистинска хаварија на улицата.
Екипи на јавните претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“ речиси цела ноќ до раните утрински часови работеа на санирање на големиот дефект што предизвика кратер на асфалтот и дел од Битола со часови го остави без вода, а сообраќајот беше пренасочен на околните улици.
–После појавата на дефектот на улицата „Булевар Први Мај“ веднаш излегов на терен во координација со екипите на ЈКП „Водовод“ и сообраќајната полиција. Оштетувањата на коловозот се предизвикани од пукање на азбестна цевка Ф 300, што предизвика вистинска хаварија на улицата и заради потребата од итна интервенција, на повеќе улици прекинато беше водоснабдувањето, а сообраќајот беше пренасочен. Согледувајќи ги проблемите кои постојат на улицата „Булевар Први Мај“, минатата година изготвивме комплетна документација за реконструкција на улицата и промена на водоводната цевка, така што уште оваа градежна сезона ќе започне реализацијата на овој проект. Во меѓувреме, побарав од екипите на ЈКП „Водовод“ со својата стручност и професионалност, максимално да се ангажираат за санирање на состојбата и воспоставување на нормално водоснабдување, што е можно поскоро-соопшти градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
На местото каде што се интервенираше, коловозот е израмнет со песок и Булеварот е пуштен за сообраќај.