Денеска, во просториите на АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола, директорот Васко Ковачевски потпиша Меморандуми за соработка со општините Битола, Новаци и Могила. Соработката со Меморандумите е правно -формално регулирана со цел да обезбеди рамка за искористување на капацитетите што ги имаат страните потписнички на документот, во рамките на можностите и надлежностите.
-РЕК Битола помагал и ќе помага на заедницата. Многупати не се исклучиво пари во прашање за да се подобрат одредени состојби, туку квалитетната соработка и доброто менаџирање со ресурсите што ги имаат заинтересираните страни. Овие Меморандуми ќе ни го овозможат токму тоа, да соработуваме поинтензивно и да ги искористиме сите можности што ни стојат на располагање, рече директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски по потпишувањето на Меморандумите.
Градоначалниците на Битола, Новаци и Могила подвлекоа дека и досега локалните самоуправи соработувале со АД ЕЛЕМ и со Подружницата РЕК Битола. Меморандумите овозможуваат развивање на конкретни проекти и активности.
-Ингеренциите што ги има секоја локална самоуправа, вклучително и Општина Битола, во голем дел се поклопуваат со поддршка од РЕК Битола. Сме ја имале во сиот изминат период поддршката во стручен кадар, но и од финансиски карактер. Денешното потпишување на Меморандумот е само потврда на таа соработка, продлабочување на истата и овозможување во иднина уште поуспешно да делуваме заеднички, во интерес на сите граѓани, истакна градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола настаните по повод Денот на рударите ги завршува утре со серија хуманитарни активности.