Дури и рекламниот слоган на една српска пиварница „Светско, а наше” е општоприфатен во модификувана форма „Српско, а наше” од организаторите на македонските културни лета. Резил!
Во времето кога живеевме во една поширока заедница, Македонија беше шампион во една дисциплина каде што поединечниот и колективен вокален, инструментален и танцов израз беше исклучително вреднуван, ценет, бидејќи и тогаш (а и сега) се одликува со квалитет зреен со векови.
Па така, позната е сѐ уште изреката, која вели, кога си во Србија да не се фалиш со играње, во Босна и Херцеговина не со пеење, но кога ќе се најдеш во Македонија не се фали ни со играње ни со пеење, зашто и ќе те надиграат и ќе те натпеат! Тоа што посебно радува(ше) е што ова непишано правило не го измисливме ние, Македонците, туку другите тогаш т.н. братски народи, кои отсекогаш им се воодушевуваа на македонската музика и на македонските пејачи.
И навистина, Македонија може со право да се гордее со она што го има создадено на тој план.
Но додека за другите народи на Балканот оваа изрека сѐ уште важи, во последно време сѐ повеќе е очигледно дека ние самите го негираме таквото мислење.
Во овие јулски денови, кога речиси во секој град во државата се одржуваат културни настани, манифестации или фестивали, во Македонија владее вистинска инвазија на естрадни уметници од бившојугословенските простори: Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска…
Ваквата појава особено е видлива на овие летни журки, на кои се пее, се јаде и се пие, а на кои на прсти можат да се избројат македонските пејачи што се вклучени во програмите. Наместо тоа, Македонија останува да биде вистинска мека за млади интерпретатори со сомнителен квалитет, но и оние постари, со минат рок од Србија или поранешните југословенски простори, од кои голем дел веќе одамна ја завршија својата кариера, но овде имаат загарантирана „тезга”.
Како што тоа во последно време го прават бегалците од Сирија, Авганистан или од Јемен, движејќи се од југ кон север, нешто слична инвазија се случува и со пејачите, но во обратна насока, од север кон југ, кои буквално се истоварија во Македонија.
Инвазијата први ја најавија сопствениците на продукцијата „Гранд”, Лепа Брена и Саша Поповиќ, кои одлучија финалната вечер од изборот на „Ѕвездите на Гранд” да ја одржат во Скопје, во преполната сала „Борис Трајковски”.
Над десетина илјади гледачи таа вечер можеа да ги чујат ветераните на српската естрада Шабан Шаулиќ, Ана Бекута, Снежана Џуришиќ, Драган Којиќ-Кеба, Аца Лукас, Драган Стојковиќ-Босанац и незаобиколната Лепа Брена.
Само што заврши финалната вечер на „Ѕвездите на Гранд”, нова инвазија на српски пејачи се случи на фестивалот на пивото во Прилеп „Пиво-фест”, каде што илјадниците гости четири дена ги забавуваа ветеранката на југословенската естрада Неда Украден, подостарениот Оливер Драгоевиќ, Дино Мерлин, Гоца Тржан, „Прљаво казалиште” и Саша Ковачевиќ.
Слаба утеха е што покрај нив настапија „Љубојна”, талентираниот Ален Хасановиќ или Наум Петревски, кога е јасно „кој го собра кајмакот”. И не само тоа туку и каков однос имаме кон нашите ресурси, чии квалитети се неоспорни и каде-каде над оние увозните. Барем со тоа може да се пофалиме.
Покрај во Прилеп, истото сценарио речиси секоја година се применува и на фестивалот во Струмица, каде што годинава се најавени Харис Џиновиќ, Петар Грашо, Данијела Мартиновиќ и „Тропико бенд”.
Како и во Прилеп така и во Струмица македонските пејачи ќе имаат, најблаго речено, епизодна улога, па така „Тримери” или балканската музичка ѕвездичка Трајче Георгиев и Кристина Арнаудова ќе настапат колку да не се рече дека фестивалот поминал без македонски интерпретатори.
Листата на досега потврдени гостувања на естрадни ѕвезди од бивша Југославија се заокружува со гостувањето на Здравко Чолиќ во Охрид за Илинден, додека допрва се очекува да се појави списокот со гости за скопскиот „Пиво-фест”.
На сите овие манифестации македонските пејачи се присутни речиси формално, колку да ја загреат атмосферата.
Музиката нема граници. Согласни сме! Но во ситуација кога тренд е напливот на неквалитет, шунд, искривоколчување на музиката, фолк, поп и слично со додатокот турбо што создава квазивредности и културни депресии, кога Република Македонија се обидува дури со закон да го ограничи пуштањето немакедонска музика и слушањето мелодии од други земји во медиумите и кога со издвојување државни субвенции настојува да ги стимулира пејачите и авторите на македонската музика да создаваат нови песни, а некои да ги спаси од заборав, ваква инвазија и фаворизирање српски/босански/хрватски пејачи и тамошна естрада е, најблаго речено, саботажа на нашиот изворен код.
Дури и рекламниот слоган на една српска пиварница „Светско, а наше” е општоприфатен во модификувана форма „Српско, а наше” од организаторите на македонските културни лета.
Резил! Водени од желбите за три дена да се направат огромни профити, организаторите на овие фестивали или манифестации буквално не жалат пари да ги донесат во Македонија главно српските ѕвезди, од кои најголем број се на залезот на својата кариера.
За тоа време, додека овие пејачи прават пари во Македонија, државата мора од својот буџет да ги потпомага македонските автори да компонираат нови песни. Песни што потоа изведувачите немаат каде да ги пеат. Да не е смешно, би требало да биде жално.
Тоа што посебно загрижува е што во последно време во Република Македонија, покрај инвазијата на српски пејачи и српска турбофолк-музика, на националните телевизии ни се случува и вистинска поплава од репризни емисии од српска продукција.
И покрај стимулациите на државата за создавање македонска продукција и македонски играни или забавни емисии, на програмите на нашите национални телевизии во последно време, покрај турските и индиските серии, единствено што може да се види, со превод или без, се емисиите од типот „Ѕвездите на Гранд”, „Пинкови ѕвезди”, „Сѐ за љубов”, „Брачен судија”… Повторно резил… Ами до кога?
Автор: Менде Младеновски